Кире Лазаров беше блиску до европскиот трон и до освојување на титулата за најдобар стрелец во најелитното клупско ракометно натпреварување, но на патот му се испречи Тиери Омејер. Францускиот голман го заврши финалниот натпревар со 17 одбрани и беше најзаслужен за триумфот на Кил.
Лазаров го предводеше Атлетико Мадрид со пет погодоци, но му недостигаше само уште еден да се израмни со Хансен кој со 98 голови е најдобар стрелец на Лигата на шампиони.
Атлетико Мадрид во првиот дел имаше предност од 7:9, по што Кил ја презеде иницијативата и на полувремето водеше со 13:10. Во второто полувреме Шпанците се доближија на 14:13, но повторно на сцена стапи несовладливиот Омејер и на крајот Кил заслужено победи со 26:21.
Најефикасен на натпреварот беше Ким Андерсон со седум погодоци, Филип Јиха постигна шест, а Лазаров беше најдобар стрелец во екипата на Атлетико.
Екипата на Кил на овој начин ја комплетираше успешната сезона во која нема ниту еден пораз на сите натпреварувања.