Намалувањето на буџетот ќе принуди неколку ракометари да го напуштат Атлетико Мадрид, а помеѓу нив е и Кире Лазаров кој инормацијата за заминувањето ја објави на својата вебстрана.
„Можам да потврдам дека по завршувањето на оваа сезона нема повеќе да настапувам за Атлетико Мадрид. Имав три успешни сезони и многу радости во црвено-белиот дрес. Наскоро ќе ја знам мојата иднина и ќе го соопштам името на мојот нов клуб", стои во изјавата на Лазаров.
Лазаров во три сезони освои седум трофеи со Атлетико на Талант Душебаев и играше уште две финалиња на Лигата на шампионите. Најчесто го подигаше трофејот од Купот на Кралот, дури три пати, по еднаш го освои и ASOBAL Купот, ASOBAL Супер-купот и ова лето IHF Суперглоуб во Доха.
Во сите три сезони беше најдобар клубски стрелец во ASOBAL лигата и во Лигата на шампионите, а минатата година и втор стрелец во цело натпреварување со еден гол доцнење зад Микел Хансен. Ќе се паметат неговите историски партии во овој дрес со Копенхаген во Келн, со Флензбург, голот во Берлин и уште многу, многу други детали.
До крајот Лазаров ќе настапи на последните првенствени средби со Барселона, Адемар Леон и Ваљадолид.