За разлика од мечот во Норвешка пред десетина дена кога македонскиот шампион неверојатно убедливо со 19-31 го совлада Ларвик, вечерва во Скопје победата беше прилично тешко оверена.
Вардарки прилично ноншалантно влегоа во мечот и од самиот старт имаа проблем со организацијата на нападот, па среќна околност беше што Лејно на голот бранеше добро и не дозволи гостинките да се одлепат.
Вардар поведе 3-2 но брзата Хјертнер даде три погодоци едно по друго и Ларвик брзо стекна предност која во еден момент беше и 6-8. Црната дупка без погодок на Вардар траеше цели седум минути па Ларвик на полувремето замина со 10-11.
Бледото издание во офанзивата се повтори и на почетокот на вториот дел но Лејно одново блескаше и ги мотивираше своите соиграчки да почнат да играат.
Тоа се случи од 35’ минута кога Вардар конечно се пронајде себеси и поведе 17-14 со неколку гола во серија.
Ларвик не крена бело знаме и се врати на 24-23 на 10 минути до крајот од мечот. Во тој период следуваше игра гол за гол, Јованка Радичевиќ не реализираше пенал а Лејно спаси чист зицер и Ларвик не израмни.
Андреа Пенезиќ реши да ја преземе одговорноста и ги донесе „црвено-црните“ во пристојна позитива од 28-25. На крајот конечни 30-27 и четврта победа во серија за Вардар кој оди во следната фаза.
Играч на мечот беше Лејно со дури 20 одбрани а Пенезиќ даде седум гола, Цвијиќ пет погодоци а Кузнецова четири.