Конечно победа - триумф на Македонија за влез во втора фаза

Македонската ракометна репрезентација го совлада Чиле со 32-29 во последната рунда од првата фаза и со една победа оди понатаму.

Очекувано, далеку потешко од оние два меча во Скопје против Чиле, Македонија извојува важна победа.

Нашите најдобри ракометари играа под поголем притисок од претходните два натпревари во групата, затоа што овој беше клучен за следна фаза каде ќе играме против селекции од групата Х.

Дуелот се отвори со промашен удар на капитенот Лазаров па Чиле го отвори резултатот. За ралика од претходните бледи настапи, денеска Никола Митревси влезе во добра серија одбрани. Чиле реши да ја искористи нашата слаба точка од дуелите со Шведска и Египет и со брза трансформација, брз центар, ја користеше секоја дупка во нашата некомплетна одбрана.

Костески го донесе првото израмнување (4-4) во моментите кога на Лазаров не му одеше (Кире првиот гол го даде дури во 17' минута). До крајот од првиот дел се играше израмнето, сепак Јужно-американците заминаа на пауза со гол предност (16-17). 

Конечно на 27. Светско првенство да тргнеме добро во вториот дел. Ако против Шведска и особено домаќинот Египет ни следуваше потоп, овојпат по стартот на вторите 30 минути заигравме солидно.

Со два гола едно по друго го презедовме водството кое подолго време беше во наша полза. Чиле како на „филмска лента“ на секој наш погодок одговараше со иста мерка па никако не се одлепивме резултатски.

Добар моментум имаше Жарко Пешевски кој одлично соработуваше со Лазаров, а по головите на Кузмановски и Димитриовски првпат отидовме на +3.

Во тие моменти поддрша дојде и од голманот Томовски кој од клупата за резерви влезе и одбрани два пенали кои уште повеќе ги окуражија нашите ракометари. Предноста ја сочувавме до крај. Капитенот Лазаров беше најдобар стрелец кај нас со 8 гола, а Пешевски и Костески дадоа по пет. Никола Митревски имаше 14 интервенции и во голема мерка влијаеше на крајниот резултат.

Сега во следна фаза не чекаат Словенија, Русија и Белорусија кои беа најдобри 3 во групата Х. Македонија не пренесува бодови во втората фаза од натпреварувањето но со евентуални триумфи би можела да се вмеша за пласман во самата завршница.

МЛАДИОТ КОСТЕСКИ ИЗРАСНУВА ВО ГОЛЕМ ИГРАЧ

БРАВУРОЗНИТЕ ОДБРАНИ НА МАРТИН ТОМОВСКИ