Кире Лазаров официјално потпиша за Барселона

Најдобриот македонски ракометар и официјално потпиша за Барселона. Кире Лазаров од денес е нов член на шпанскиот ракометен шампион.

Медиумите веќе долго време шпекулираа, а денес Кире Лазаров и самиот преку својата официјална вебстрана ја потврди информацијата дека тој е нов член на ракометниот клуб Барселона.

Намалувањето на буџетот на Атлетико Мадрид принуди неколку ракометари да го напуштат тимот, а помеѓу нив е и Кире Лазаров кој во шпанската престолнина помина 3 одлични сезони за кои постигна 700 гола.

Доведувањето на Лазаров во Барселона веќе подолго време е голема желба на тренерот Хавиер Пасквал кој со потпишувањето на македонскиот интернационалец, заедно со Никола Карабатиќ, креира „дрим-тим" со кој ќе атакува на освојувањето на европскиот врв.

Откако Атлетико Мадрид и Лазаров спогодбено го раскинаа договорот, капитенот на нашата селекција се обврза на две-годишна верност кон Барселона каде повторно ќе го носи дресот со број 77.

Лазаров веќе ги мина лекарските прегледи и наскоро по репрезентативните обврски ќе одпатува во Каталонија да ги дефинира деталите во договорот и да го избере својот нов дом. Официјалното претставување се очекува на почетокот на август, а во првата недела од овој месец ќе стартуваат и подготовките на екипата на Хавиер Пасквал за новата сезона.

Информацијата за потпишувањето на Лазаров освен на неговата официјална вебстрана, веднаш беше објавена и на официјалната вебстрана на Барселона.

7 јуни 2013 - 11:29