Иако пред мечот стигна вест дека селекторот и лидер Кире Лазаров поради повреда на еден од последните тренинзи пред стартот се повредил и ќе го пропушти целото Европско, црвено-жолтите одлично го отворија мечот со фаворитот Словенија.
На крилјата на гласните македонски навивачи кои беа сместени близу теренот, Филип Талески, Цветан и Филип Кузмановски со преубави голови донесоа високо водство, а на другата страна Мартин Томовски бранеше во транс.
Нашиот голман кој го заменува првиот избор Никола Митревски спречи неколку силни удари на Доленец и Благотиншек и дополнително ги распали нашите навивачи. Македонија водеше 3:0 на отворањето на европскиот шампионат.
На Словенците им требаше шест ипол минути да го постигнат првиот гол преку Сташ Кубе. Поведовме и со високи 4:1, па селекторот на Словенија Љубомир Врањеш повика тајм-аут кој делуваше како шок терапија за неговите избраници кои направија страшна серија 6:0 за пет минути и поведоа 7:4 благодарение на головите на Доленец, Благотиншек и Блаж Јанц.
Оваа серија не ги демотивираше нашите играчи кои израмнија прво на 8:8 па на 9:9 со убавите погодоци на Талески и Цветан Кузмановски.
Словенија во самиот финиш од првиот дел одново го врати водството кое дополнително го зголеми и на паузата се отиде со резултат 13:10 за нашиот ривал.
Во вторите 30 минути влеговме храбро, со отворен гард и тоа донесе топење на словенечката позитива. Фантастичната акција со цепелин од Гоце Георгиевски до Филип Кузмановски значеше дека во вториот дел влегуваме со иста дрскост како во првите 30 минути.
Од 19:15 стигнавме на 19:18 што беше дополнителен мотив за нашите навивачи да згрмат со песна за поддршка.
Во 44 и 45 минута имавме два чисти зицери преку Цветан Кузмановски и Жарко Пешевски но и двата удари завршија во гредата, па Словенците го сочуваа водството од +2 со играч повеќе. Имавме уште една шанса го смалиме резултатот на Талески направи пробивање а Цехте тоа го казни за +3 позитива од полувремето.
Во последните 10 минути влеговме со неверојатни одбрани на Мартин Томовски кои со својата 13-та интервенција ги инспирираше соиграчите да се вратат на само -1 гол разлика.
Имавме неколку зрели прилики, чисти зицери, но Велковски не успеа да донесе израмнување. Словенија тоа го казни преку Цехте и брзо одново резултатски се одлепи 25:22 па 27:24. Нашите грешки им овозможија на искусните Словенци да стигнат до триумфот.
На крајот конечни 27:25 и пораз на првиот меч на Европското првенство 2022 во Унгарија и Словачка. Следниот натпревар нашите ракометари го играат во сабота од 18 часот против Црна Гора.
Убедливо најдобар и најефикасен мечот беше изненадувањето Цветан Кузманоски со 8 погодоци. Филип Тлаески постигн 5, Филип Кузмановски запиша 4 гола, а Мартин Томовски блескаше со 14 одбрани. За играч на мечот беше прогласен словенечкиот голман Јозе Блажник кој имаше 12 одбрани. Кај Словенците најефикасни Доленец со 5, Благотиншек со 4 гола, а по 3 дадоа Јанц и Кодрин.
Треба да се има предвид дека Словенија досега одигра 12 Европски првенства, а најголеми успеси им се финалето и второ место на домашен терен во 2004 кога изгубија од Германија и полуфинале во 2020-та година на ЕП во Шведска, Норвешка и Австрија.