По изненадувањето во полуфиналето против Барселона, ракометарите на Фленсбург по 24 часа го шокираа и трикратниот европски шампион Кил кој важеше за еден од главните фаворити на Фајнфорот во Келн.
Првото полувреме целосно му припадна на тимот на Кил кој постојано беше во предност и кој по првите 6 минути имаше водство во 4:1. Фленсбург делуваше немоќен и немаше одговор за искусниот противник кој постојано го зголемуваше водството кое беше двојно во 16 минута со резултат 12:6.
Но Кил не успеа да го задржи истиот ритам и го загуби комотното водство кое на полувремето изнесуваше 16:14. Во вторите 30 минути работите на паркетот целосно се променија. Фленсбург тргна мотивирано и жестоко и по 9 минути игра направи резултатски пресврт 19:20.
Тоа само дополнително ги мотивираше ракометарите на Фленсбург кои во 48 минута успеа да стигнат до најголемо водство од 21:25. Неприкосновен на голот и херој на финалето беше Андерсон кој целосно го покри голот и го заврши мечот со 22 интервенции.
Кил успеа да стигне до -1, но психолошката страна и мотивацијата беше на страната на Фленсбург кој успеа да ја одржи предноста до крајот и со победа од 30:28 сосема заслужено стигна до првата титула европски шампион.
Најдобри стрелци на мечот со по седум погодоци беа Егерт и Сван, додека кај Кил најпрецизен беше Палмарсон кој постигна шест гола.
Во натпреварот за третото место екипата Барселона славеше над Веспрем со 26:25, а најефикасен на мечот беше Рутенка кој постигна 11 голови.