Скоро 4 минути мируваа мрежите на стартот од првиот натпревар на Вардар оваа сезона на домашен терен во ЛШ. Нишанот на ракометарите беше изместен, а први го наместија ракометарите на Нант кои го отворија резултатот.
Израмнувањето стигна од седмерец, преку златното момче Иван Чупиќ кој во последните мигови од финалето во Келн, го постигна голот против ПСЖ за Европска титула на Вардар.
Следуваа минути во кои се играше гол за гол и по трите израмнувања Вардар за прв пат стигна до водство во 11 минута со погодокот на Дибиров, кој го промаши цел гол во претходниот напад.
Водството од 4:3, Европскиот првак го одржуваше од 11-та до 15-та минута, а слабата реализација од само 7 погодоци на средина од првиот дел се должеше на одличните Штербик и Думолин кои бележеа фантастични интервеции.
Се играше израмнет ракомет со брзо менување на водството. И кога Вардарци за прв пат стигнаа до +2, следуваше мало опуштање и серија на Нант од 3:0 за пресврт. Раул Гонзалес свика тајм аут кој беше повеќе од корисен.
Финишот од првото полувреме целосно му припадна на домашниот тим кој со одлична и брза серија од 6:2, стигна до водство на паузата од 14:10. Кире Лазаров влезе во игра во 20 минута и изведе удар од 7 метри кој Арпад Штербик му го прочита.
Вардар одлично го почна вториот дел и 8 минути беше имаше предност од +5, но Французите направија серија од 4:0 по која Гонзалес одново се загрижи и повторно им ја прекина по тајм аутот.
Шпанскиот стратег повлече неколку одлични потези со ротацијата на играчите и тоа придонесе со нова предност од 4 голови разлика. Последните минути од средбата не донесоа мирен финиш за публиката, бидејќи Нант повторно притисна и стигна до -2, но искуството си го направи своето и Вардар на крај славеше со 27:23.
Најпрецизен на средбата беше Мораес со 6 погодоци, Кристопанс постигна 5, а Дибиров и Чупиќ по 4.
Во следното коло на 1 октомври Вардар повторно е домаќин, овој пат на екипата на Загреб.