Додека Вардар го торпедираше Монпеље кој лани ја освои Лигата на шампионите во финале против Нант на Кире Лазаров, Веспрем направи пресврт на дуелот со Кјелце во финишот и со тоа ја задржа втората позиција во групата.
Тоа значи дека Вардарци за противник во осминафиналето ќе имаат двомеч со Загреб, а доколку Веспрем загубеше денеска од Кјелце, Вардар како второпласиран ќе играше со Спортинг.
Момците на Парондо влегоа максимално концентирано на овој дуел и го отворија со фантастични 6:0, а Монпеље го постигнаа првиот гол дури по 9 минута игра. Иако во неколку наврати имаа комотна предност Вардар на полувреме замина со предност од 16:13.
Во прво полувреме во еден жесток дуел се повреди Германецот Дисингер, а Суси за тоа доби црвен картон, но на Парондо не му се поматија сметките. Имаше и игра и резултат кој го диктираше на цел меч и на крај славеше со 33:27.
И покрај заминувањето на Раул Гонзалес и неколку ракометари од костурот на шампионската екипа, сепак Вардар прикажа одлични изданија во фазата по групи која ја завршија зад лидерот Барселона со 9 победи, една нерешена и 4 порази.
Најдобар стрелец кај Вардарци е Кристопанс со 7 гола, Карачиќ постигна 6, а Чупиќ 5. Дејан Милосављев повторно имаше одлична партија со 13 интервенции.