Европскиот првак го преслуша и Порто

Ракометарите на Вардар со триумф ја отворија домашната сезона во Лига на шампиони, откако вечерва во Скопје со 32-27 (14-16) го добија португалскиот шампион.

Гостите од Португалија уште од стартот во „Јане Сандански“ покажаа мускули и најавија дека нема да бидат лесен плен.

Освен неколкуте израмнувања во првиот дел, Португалците постојано беа во предност од гол-два. Вардарци играа под очекувањата во првите 20-ина минути што Порто го искористи и ја чуваше позитивата.

Големиот број технички грешки и непрецизни додавања во нападот придонесоа Порто во рок од 5 минути (од 20-та до 25-та) да се одлепи на огромни 4+ (10-14). Вардар делумно ја стопи негативата и на пауза отиде со -2 гола (14-16).

ВО ВТОРИОТ ДЕЛ СЕ ЗАПАЛИ МАШИНАТА

Европскиот првак како да се отрезни на паузата, па избраниците на Давид Писонеро многу мотивирано истрчаа во вторите 30 минути на паркетот.

Со снажна одбрана, онаа со која два пати стигнуваа до највредниот трофеј во европскиот клупски ракомет, Вардар го натера Порто да влегува од грешка во грешка. Црвено-црните дадоа 4 гола од „гол на гол“ додека Порто играше 7-6 без чувар на својата мрежа.

Тоа беше најава за фуриозни 10 минути во второто полувреме кога Вардар поведе со страшни 27-20. 

Порто се што направи беше враќање на -3 гола, но тоа беше се во „котелот“ на скопската сала во Аеродром.

Најефикасни играчи кај победникот вечерва беа Кристопанс и Чупиќ со по 7 погодоци. Дибиров и Шишкарјев дадоа по 5, а кај Порто Бранкињо беше најдобар поединец со шест гола. Соареш запиша четири.

Во следното коло, на 28 септември, Вардар гостува кај Мотор Запорожје а Порто на домашен терен го чека полски Кјелце.

22 септември 2019 - 19:25