Во Битола пред две недели беше ракометен празник, бидејќи по долги години салата Боро Чурлевски грмеше од страна на навивачките групи на Еурофарм Пелистер и Вардар, како во најубавите денови кога се играа овие дерби пресметки.
На полувреме од средбата настана шоу, до сега невидено на македонските спортски терени. Навивачите на Еурофарм Пелистер на иницијатива на клубот фрлаа плишани мечиња на паркетот.
Целта беше да се соберат како донација и да се израдуваат деца од ранливи категории, како што е тоа пракса на многу славни фудбалски клубови во Европа.
Акцијата помина успешно, а ракометарите и членовите на клубот ги поделија мечињата во Домот за доенчиња, Заводот за децата со оштетен слух, говор и глас „Кочо Рацин“, ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ и детската градинка „Снегулка“ во Битола.