Дали некогаш сте слушнале за женска британска ракометна репрезентација? Па нормално дека не сте слушнале кога таа 20 години не постоела.
Кога во 2005-та година кандидатурата на Лондон победи во изборот за домаќин на Олимписките игри во 2012-та, Британците го искористија своето право како домаќини и пријавија свои тимови во сите екипни спортови.
Проблемот бил што тие немале репрезентации за некои спортови, но за среќа имале пари, па агенцијата за спорт при британската влада вложи милиони во проектот за формирање на репрезентациите кои им фалат.
Една од овие репрезентации е и женската репрезентација во ракомет, спорт кој е најпопуларен женски екипен спорт во Европа.
Женска ракометна репрезентација во Британија не постоела веќе 20 години, па тие морале да ја изградат од нула. Првиот чекор бил наоѓање на ракометарки.
Потенцијалните репрезентативки биле ангажирани преку оглас во весник. На огласот се пријавиле 550 девојки и кога првиот пат се собрале тие гледале видео од ракометен натпревар на YouTube.
Повеќето од нив не ги ни знаеле правилата и имале големи проблеми кога подоцна им дале топки да шутираат кон гол. Сепак данските ракометни експерти кои биле најмени за оваа пригода, успеале да изберат 30 талентирани девојки и да ја формираат репрезентацијата.
Репрезентативките веднаш биле пратени во Данска каде живееле и тренирале до 2009-та година по што сите биле испратени во разни полу-професионални клубови низ цела Скандинавија.
По неколку години тренирање со најдобрите, репрезентативките минатата година се вратија во Лондон каде заеднички ги продолжија подготовките за Олимписките игри.
Нивните очекувања за оваа Олимпијада не се многу големи, но придобивките се големи. Овој спорт е се попопуларен во Британија и до крајот на годината Британците очекуваат дека ќе имаат 11.000 спортисти кои ќе тренираат ракомет и со активна работа тие ќе атакуваат на пласман при врвот на следните Олимписки игри кои во 2016-та година ќе се одржат во Рио.