Не одеа така лесно работите за македонскиот вицешампион против тимот на Динамо Минск кој минатата сезона на два пати беше поразен од нашиот претставник во Лигата на шампионите и елиминиран во осминафиналната фаза.
Се играше многу неизвесен ракомет во кој ниту една екипа не успеваше да се одлепи резултатски. По дури 17 минути во кои постојано се играше гол за гол, гостите први направија предност од 2 гола 9:11, но избраниците на Лино Червар не дозволија поголема водство на противникот.
Тесно беше и во продолжението на мечот во кој се постигнуваа многу голови најмногу поради лошата вечер на голманите кои не беа на висина на задачата. Некаде на средина од полувремето голманската позиција на Станиќ кој имаше само 3 одбрани ја превзеде Раде Мијатовиќ кој ги заврши првите 30 минути со 2 одбрани.
На една минута до крајот на првиот дел и Металурзите стигнаа до првата предност од 2 гола која ја остварија во два наврати во воведното полувреме кое го добија во своја полза со 20:18.
Ракометарите на Металург имаа подобар старт во вториот дел и по 7 минути игра ја имаа најголемата предност од 4 гола благодарение најмногу на расположениот Ојлевски кој постигна 3 гола во низа. Но Белорусите се вратија во игра и во 44 минута го израмнија резултатот.
Следеше повторно солидна серија на македонскиот вицешампион кој имаше на моменти проблеми со реализацијата, но во важен период од мечот искористи неколку одбрани на Мијатовиќ и се врати во водство од 29:26 на 8 минути до крајот.
Тоа беше одлична можност да продолжи голгетерската низа на Металурзите кои на 3 минути до крајот на мечот продолжија во ист стил и стигнаа до најголема предност од 5 гола разлика со што веќе беше јасен победникот на овој меч. Конечниот исход беше 33:29.
Најдобар поединец во таборот на македонскиот вицешампион беше Наумче Мојсовски со 7 гола, втори беа Вугринец и Атман со по 6 погодока, а добра партија имаше и Гоце Ојлевски со 5 гола.