Во ситуација кога на клубот ќе му останат само натпреварите во домашното првенство и Купот, што не е недоволен предизвик, прв кој ќе ги пакува куферите е Давид Дејвис Камара.
Македонските медиуми пишуваат дека тој заминува, а според Гол.мк по суспензијата на Вардар од ЕХФ, со шпанскиот стратег, кој е без договор, нема да има простор за продолжување на соработката.
Клупата веројатно ќе ја наследи неговиот асистент, Владо Недановски, кој се радуваше како играч на двете европски титули под водство на Раул и Парондо.
Раководството на Вардар деновиве се очекува да има состанок со играчите за да ги разјасни работите во клубот и пред сè идните планови.
Тоа го очекуваат сите, меѓу кои и Тимур Дибиров и Столе Стоилов, кои дадоа изјави за Слободен печат.
„Има големо разочарување и некакво чувство на неправда. Сè уште е рано да зборуваме што понатаму, затоа што немаме поконкретни информации од клубот. За одредено време треба да се собереме сите и ќе разговараме како Вардар ќе функционира понатаму“, рече Дибиров.
„Голем удар му е нанесен на Вардар. Како може така да одлучиле? Не знам дали имале предвид дека тоа ќе биде страшно голем удар за клубот! Сите играчи чекаат и се во неизвесност околу тоа што ќе биде со Вардар понатаму. Чекаме со луѓето од клубот да видиме како понатаму“, вели Стоилов.
Првиот човек на клубот вчера имаше соопштение во кое ги образложи финансиските проблеми и рече дека подмирувал долгови кон играчите од 2,5 милиони евра кои му ги оставил Самсоненко.