Чупиќ е Вардарец, нема каде да се враќа, дома е

Откако Пари Сен Жермен израмни преку Даниел Нарсис во финалето на Лига на шампиони во 2017-та, на Вардар му останаа само седум секунди да проба да направи сензација.

Тие седум секунди ќе се испостават како најважни во македонскиот клупски спорт, затоа што беа доволни Лука Циндриќ да ја изведе топката од центар, да му ја подаде на Алекс Душебаев, а овој да му ја протне на Иван Чупиќ кој ладнокрвно го матираше страшниот Тијери Омеје за експлозија од радост во Македонија.

„На крајот сè беше толку едноставно. Дајте му ја само на Иван Чупиќ и оставете го да даде гол“, викаше службениот коментатор на ЕХФ во преносот додека црвено-црните скокаа и плачеа од среќа на паркетот во Келн.

Накратко Иван Чупиќ до тој момент немаше ниту еден гол од игра, постигна два од седум метри и доби релативно малку време. Но во последниот напад влезе во игра.

Тоа е време кога настапуваат лидерите, тогаш играат оние кои ладнокрвно ќе ја пробијат топката во првиот агол, точно таму каде Омејер отвори малку простор со цел да го навлече на шут па да затвори ролетни.

ПРАВ ЛИДЕР, ПРАВ ВОДАЧ

Колку Иван Чупиќ е важна клупска икона на Вардар уште подобро се покажа минатиот мај кога Вардар во Келн отпатува буквално како „топовско месо“.

Ракометарите со месеци не земаа плата, клубот едвај некако подмири патни трошоци до Германија на Фајнл Фор и кога сите потсвесно мислеа дека ентузијазмот и желбата не се доволни, а Барса водеше со страшни +7 разлика на полувреме, во соблекувалната влегол Иван Чупиќ и почнал да ги собира парчињата од разбиената вардарова војска.

Тоа на навивачите им е поважно можеби и од самата титула. Чупиќ во тој момент покажал дека не е само суров професионалец, туку дека му значи. Покажа дека е Вардарлија.

Од таа причина не беше никакво изненадување кога излезе веста дека Чупиќ ќе остане во Вардар со старо-новиот претседател Михајло Михајловски кој ќе го преземе клубот од Сергеј Самсоненко.

Чупиќ е ветеран, има 34 години а голем дел од кариерата е зад него. Остварен е во секој ракометен смисол и доаѓа во години кога поважни му се некои други работи, тука се жената, децата и некој нов начин на живот на кој не е навикнат.

Но Вардар е негов дом и реши да остане. Исто како и Тимур Дибиров, Стојанче Стоилов и Кристијан Дисингер, со тоа што сите прифатија помали плати но Чупиќ е тој што прв се огласи дека останува.

Иван Чупиќ има зад себе кадетско Европско првенство 2004-та, дете е на клубот Метковиќ, има три злата во Лига на шампиони и дури седум медали од Светските, Европските првенства и Олимпијадите играни со Хрватска.

Via