Червар: Во недела со две срца на терен

Нашиот претставник во ракометната Лига на шампиони освен што го поправи минатогодишниот пласман и се пласираше во големата осумка на европскиот елитен ракомет, сега пред себе ја има најсериозната и најтешката пречка во историјата, а тоа е влезот во фајнлфорот.

На само 3 дена пред големиот спортски настан во предвреме распродадената сала „Борис Трајковски" шефот на стручниот штаб на Металурзите, Лино Червар долго и детално го анализираше четвртфиналниот двобој против Кјелце, за кој призна дека е фаворит на овој дуел.

„Според мене три моменти ќе бидат клучни за победникот на овој меч. Првото одбраната, затоа што многу пати до сега сум кажал дека со одбрана се добива, а со напад се губи натпревар. Втората работа е да се игра трпеливо, да не се завршуваат нападите за кратко време затоа што Кјелце во составот има две ракети, Чупиќ и Штрлек. И трето е тоа што мора да играме на мал резултат со малку голови, затоа што ако тоа го постигнеме, тоа значи дека сме ги запреле", изјави Червар.

И покрај двата порази во групната фаза и фаворитската улога на Кјелце, хрватскиот стручњак рече дека на овој меч Металург мора да покаже дека фаворитот не значи дека секогаш победува, затоа што тогаш би немало спорт.

Доказ за огромниот интерес на овој меч е фактот што освен во Македонија и Полска, директен пренос ќе вршат Хрватска, Романија, Турција, па дури и Мексико. За мечот во Скопје салата беше распродадена за рекордни половина час, додека Пољаците за реваншот тоа го сторија за само 2 минути.

Предизвикот е голем и за двете екипи кои го бркаат историскиот прв пласман во фајнлфорот кој се игра во Келн.

18 април 2013 - 13:44