Полска не може да ги задоволи сите заинтересирани навивачи кои сакаат да го следат во живо четвртфиналниот дуел од ракометната Лига на шампиони помеѓу Киелце и нашиот македонски шампион Металург. Само рекордни 2 минути биле потребни навивачите да ги разграбаат билетите за реванш мечот кој ќе се игра на 28 април.
Маркетинг директорот на клубот Паве Папај изјави дека ова е најважниот спортски настан на годината во Полска и дека за 25 минути пристигнале барања за карти од 11 000 навивачи, од кои повеќе од половина се одбиени со оглед на тоа што салата собира 4200 навивачи.
„Интересот за овој натпревар е огромен и тоа од целата земја. Мислам дека доколку го игравме мечот и во салата во Келн, Германија која има капацитет од 20 000 седишта, ќе ја наполневме. Во Киелце, но и во целиот овој регион луѓето го сакаат ракометот и тоа им е како религија“, вели Папај.
Тој најави дека за останатите навивачи кои не успеале да обезбедат билети, натпреварот ќе можат да го следат на голем видео бим, веднаш до салата.
Инаку Киелце и Металург за прв обезбедуваат пласман во големата осумка од елитната Лига на шампиони, а првиот дуел ќе се игра на 21 април во салата „Борис Трајковски" во Скопје.