Борбениот дух на македонската репрезентација во голем дел е заслуга на селекторот Ивица Обрван за кого хрватската јавност има голем респект. Во пресрет на дуелот Македонија - Хрватска, се огласи и човекот кој го прослави македонскиот клупски ракомет, Лино Червар.
„Најпрво играме со Македонија. Кој и да мисли дека тоа ќе биде прошетка, се лаже. Со години го водам Металург и во тие неколку сезони успеав екипата од просечна да ја доведам до најдобрите тимови во источна Европа. Голем дел од тие „мои“ играчи денес се созреани и се многу незгодна екипа. Играат подруг ракомет од нас. Ги краси воена дисциплина и фанатична борбеност. Тактички се подготвени до перфекција и без грижа, нив топките нема да им паѓаат како на Исланѓаните, ниту ќе го добиеме во првите 15 минути.Против Македонија ќе треба крваво да работиме сите 60 минути и постепено да ја градиме победата. Покрај Кире немаат ниту една екстра ѕвезда, но имаат тим. На крајот, Македонија по петти пат се пласираше на големо натпреварување и мислам дека тоа доволно зборува за нивниот квалитет“, вели Лино Червар во стручната анализа за Индекс.хр.
Хрватите на стартот се мачеа против Белорусија, потоа неочекувано загубија од Норвешка, за да на крајот убедливо да го совладаат Исланд.
„Нè чекаат три јаки селекции (Македонија, Полска, Франција), но уверен сум дека можеме во полуфиналето. Математиката е јасна. Ако ги добиеме Македонија и Франција сигурно одиме понатаму. Веќе почнаа класичните балкански нагаѓања од типот: Полјаците во последното коло ќе бидат сигурни, па ќе ни пуштат. Се ежам од такви будалаштини. Ќе биде тешко, но можеме. Никогаш не сум прифаќал дека нешто не може. Сè се може. Важно е момците да не се оптоваруваат со калкулации и да одат чекор по чекор. Најпрвин Македонија, а потоа Франција. Тогаш сите ќе бидеме попаметни“, констатира легендарниот Червар.
Денес на програмата се дуелите Франција - Белорусија од 18:15 и Македонија - Хрватска од 20:30.