Будуќност - расадник на талентирани и груби ракометарки

Денешната ждрепка на Универзитетот Мохоли-Наѓ во Будимпешта на Вардар му го донесе апсолутниот шампион на Црна Гора, екипа против која Индира Кастратовиќ и црвено-црните девојки се измачија и лани и сезонава.

Будуќност игра важна улога во европскиот женски ракомет од сезоната 1995/96. Од тогаш до сега, Црногорките беа европски шампионки, освоија 3 трофеи во Купот на Куп победници и еден пехар во ЕХФ Купот.

Актуелниот тим на Будуќност е составен од млади ракометарки, а најмлади се Ема Рамушовиќ и Нина Булатовиќ со по 17 години. Највозрасна во екипата е Германката Клара Волтеринг која има 30 години и е прв голман на екипата.
 
Тренер на тимот е долгогодишниот црногорски селектор, Драган Аџиќ. Будуќност игра во салата „Морача“ која е изградена во 1978. година и има капацитет од 4.525 гледачи. Во салата своите натпревари ги играат уште и кошаркарската и одбојкарската секција на истоимениот клуб.
 

Тимот од Подгорица три пати ја освои регионалната лига, а во Црна Гора е неприкосновен лидер со дури 26 титули и 19 купови. Сезонава „сините“ ја завршија групата Б како победници со 5 победи и едно реми. Црногорките во група со Вардар освоија 11 бодови, а нашиот состав имаше 3 победи, едно реми и 2 порази.
 

Будуќност неверојатно ја одигра и главната рунда кога на 10 натпревари немаа ниту еден пораз, а победија на девет средби со гол разлика 270:193. Вардарки истата фаза ја завршија мошне тешко, со 5 победи, едно реми и дури 4 порази. Гол разликата на Скопјанки беше 267:260.

Додека Вардар му ја симнуваше круната на шампионот Ѓер, Будуќност во четврт-финалето беше убедлив против данскиот Виборг (29:19 во Подгорица и 28:22 во Виборг). Будуќност и Вардар на Ф4 играа и минатата година, кога Црногорките славеа 22-20 после продолжението, а подоцна загубија во финалето од унгарски Ѓер.

По ждрепката Самсоненко и Кастратовиќ се навратија на ланскиот меч и ја потенцираа грубата игра која ја прикажаа Црногорките. Газдата на Вардар се надева дека за разлика од тој натпревар овој пат ќе им биде дозволено да играат со исти шанси за победа, а тренерот на Вардарки најави дека овој пат ќе бидат спремни да одговорат доколку се повтори грубата игра.