Македонија денеска дефинитивно живее за ракометот кој благодарение на двата најсилни клуба ни носи голем спортски спектакл. Дерби на два големи ривали, кое често изобилува со искри и тензија кои овој пат пред очите на Европа се надеваме дека ќе преминат во една коректна и возбудлива спортска претстава.
„Натпреварот ќе биде една голема борба која не е за слабаци и за играчи кои сакаат да се прошетаат на теренот, туку за ентузијасти и големи борци кои треба да се жртвуваат за тимот. Ние го почитуваме Вардар кој е наш противник и градски ривал, но не и непријател како што некој тоа сака да го прикаже", рече на вчерашната прес конференција Лино Червар.
Дел од играчите одлично се познаат меѓу себе, како колеги во репрезентацијата кои си испратија и по некоја порака во пресрет на дербито. Прв се јави Стојанче Стоилов кој во ТВ емисија кажа дека на теренот не може да го поднесе Филип Миркуловски, кој пак шеговито му одговори преку офф.нет.
„Кога ќе дојде натпревар за македонската репрезентација, Стојанче да знае дека ќе добива помалку топки од мене", ни изјави борбениот бек кој поради повреда ќе го пропушти вечерашниот дуел.
За интересот на овој дуел говорат и фактите. Салата „Борис Трајковски" се распродаде за само 24 минути, а тоа беше сосема очекувано, затоа што двата претставника во Лигата на шампионите сите натпревари на домашен терен ги играат пред полна сала.
Навивачкиот декор ќе биде важен дел од ова дерби кое на трибините во црвено црна боја ќе го красат помногубројните „Комити", а од другата страна ќе бидат сините „Пирати" од Автокоманда.
Ако на паркетот се очекува коректна и рововска ракометна битка, од трибините се надеваме дека ќе чуемe фер навивање и скандирање кое ќе трае 60 минути. Во секој случај ЕХФ не остава ништо на случајноста и за овој меч испрати специјален делегат за безбедност.
Празникот кој европската куќа на ракометот го претстави со специјална најава може да започне.