Екипата на Металург на овој натпревар му пристапи без императив за победа откако по минатонеделната победа на Вардар над Динамо, нашиот вице-шампион обезбеди пласман во следната фаза од Лигата на шампиони.
Ракометарите на Динамо Минск ја имаа контролата на играта и константно водство уште на стартот. Со серија од 3:0 во финишот на првото полувреме Металург намали на 11:10, а на паузата домаќините заминаа со предност од 13:11.
Благодарение на солидниот Станиќ и добрата игра во одбраната, ракометарите на Металург успеаа да израмнат по десет минути игра во вториот дел (15:15).
Во продолжението Динамо и Металург играа „гол за гол" и резултатот постојано беше израмнет, но Металург ниту еднаш не стигна до водство.
Сепак во последниот напад од натпреварот Металург се избори за пенал кој го реализираше Ојлески за конечни 23:23.
Одличен на голот на Металург беше Станиќ кој одбрани 16 удари кон неговиот гол, а најефикасен ракометар беше Вугринец со пет погодоци.