Македонскиот ракометен шампион ја пропушти првата меч топка за директен пласман во четвртфиналето, откако одигра меч под своето ниво на гостувањето против Мешков Брест кој го загуби со 30:26.
Вардарци практично беа во ритам само во првите 20 минути од средбата кога го имаа под контрола резултатот и водеа со еден до два гола предност, но во последните 10 минути наидоа на расположениот Иван Пешиќ кој само во прво полувреме имаше 10 интервенции.
Белорусите тоа го наградија со серија од 5:2, благодание најмногу на Остроушко кој учествуваше со 4 погодоци за 15:13 на паузата.
Предноста за Мешков Брест не беше висока, но нашите ракометари беа далеку од враќање на неизвесноста бидејќи го одиграа можеби најлошото полувреме оваа сезона во Лигата на шампионите во кое недостасуваше игра со жар и залагање.
Резултатски најтесно беше во 43 минута (20:18), а највисоката предност на домаќините се случи во 50 минута кога на семафорот стоеше 25:19.
Остроушко и Кристопанс беа најпрецизни на мечот со по 8 погодоци, а кај Вардарци Чупиќ и Карачиќ реализираа по 5.
Вардар останува на лидерската позиција со 18 освоени бодови, а можност за поправен ќе има во последното коло следната сабота, кога со победа против последно пласираниот Кристијанштад би го заверил директниот пласман во четвртфинале.