Ако ја победиме Чешка, ќе се јадеме со Данска за полуфинале

И покрај тешкиот пораз од Шпанија, Македонија ги задржа шансите за тоа можеби преоптимистичко полуфинале за кое сите зборуваат, небаре борбата за петто место не е одличен успех.

Македонската ракометна репрезентација го победи третиот во свет, потоа Црна Гора, а со европскиот првак освои бод како планина со што изби на првата позиција во групата од втората групна фаза.
 
Но Шпанија нè попари со 11 голови разлика и не само што нè спушти на земја, туку и на табела, каде сега сме 4-ти, позиција која не носи ниту во полуфинале, ниту во борбата за петто место.
 
Математиките и амбициите кои се наметнаа по тој фантастичен старт во првата групна фаза, кој можеби никој не го очекуваше, велат дека борбата за полуфинале сè уште не е завршена, но очигледно створиле голем притисок кај ракометарите.
 
Никола Митревски кој одигра фантастично второ полувреме во кое имаше 14 одбрани, по мечот со Шпанија даде доста реална изјава:
„Самата таа пресија од сите нас, јавноста, медиумите, дека полуфиналето е блиску си го стори своето, а всушност бевме многу подалеку отколку на почетокот, бидејќи имаме три силни противници и изедначена група. Мора да одиме натпревар по натпревар за да видиме што и како. Прво да се одмориме и да се спремиме за Чешка, па потоа ќе мислиме за Данска и за расплетот во групата“.
Е сега таа пресија е уште поголема, бидејќи Македонија нема право на грешка и ќе мора да ги победи и двете средби.

Прво со Чешка во вторник, која само да потсетиме дека успеа во прва фаза да ја изненади Данска, а потоа со истата таа Данска за која се подолу од медал е неуспех на едно големо првенство. Ги има вкупно 11, а најзначаен им е златниот од РИО 2016, Олимпијадата која остана наш неостварен сон.
 
Со 4 освоени бодови Македонија би имала 7 бода и сигурен пласман во полуфинале, но најважно од сè е на момците на Раул да не им се прави притисок дека тоа е императив кој сите го очекуваме.
 
Пред стартот на ова Европско првенство никој како амбиција не го спомена освојувањето на медал за кое конкурираат пред сè една Франција, Шпанија, Германија, Хрватска, Данска, Шведска, Норвешка...
 
На ЕП 2014 завршивме 10-ти, на ЕП 2016 11-ти, па она историско петто место од Европското првенство во Србија пред 6 години, би било огромен успех ако можеме да го повториме.
 
Убаво си велат играчите и селекторот кои во изјавите често ги слушаме „одиме чекор по чекор“, затоа не треба да им се наметнуваат цели кои воопшто не се лесно остварливи во ваква силна и тешка конкуренција на великани.
 
Особено не без најдобриот за кого веројатно шампионатот е завршен.
 

22 јануари 2018 - 08:00