Дуелот меѓу лидерот Вардар и последнопласираниот Кристијанштад во последното коло од групната фаза, немаше никакво резултатско значење за тимот на Раул Гонзалес. Вардарци со оваа победа само ја потврдија и онака остварената прва позиција во групата, а гостите останаа на дното и не обезбедија пласман во осминафинале.
Во групата Б Вардар оствари скор од 10 победи и 4 порази и собра 20 бодови, еден повеќе од европскиот првак Кјелце и два од Пиг Сегед и Рајн Некар.
Вардар по четврти пат во низа обезбедува пласман во четвртфиналето што не му успеало до сега на ниту еден друг македонски клуб. Освојувањето на првата позиција во групата е многу важна за Вардар бидејќи со тоа ја рипаат осминафиналната пресметка и директно влегуваат во топ 8, а тоа е уште еден клупски рекорд за македонскиот ракомет.
Со овој чекор сонот на Вардар наречен Ф4 во Келн е многу поблиску и ги дели само еден двомеч. Противник во четвртфиналето ќе им биде победникот од осминафиналниот дуел меѓу Фленсбург и Мешков Брест.
Натпреварите од топ 8 фазата се играат меѓу 19-ти и 23-ти април, а реваншите се закажани меѓу 26-ти и 30-ти април.
Од играчки аспект Вардарци беа доминантни во првиот дел кој го добија со 17:13, а втортото полувреме ги прокоцкаа највисоките +6 кои ги имаа на овој дуел. Шведскиот тим стигна до -1 и се обиде да направи изненадување, но наиде на неприкосновениот Арпад Штербик кој беше играч на мечот со 21 интервенција.
Најпрецизен во таборот на Гоналез беше Вуко Борозан со 6 гола, а Македа и Чупиќ постигнаа по 4. Конечниот исход од мечот беше 32:29.