Кога ќе одигра добра партија навивачите на Лидс Јунајтед за Алиоски пишуваат дека е цар, а кога има лош ден дека појма нема од фудбал и дека не е за во Премиер лига.
Овој пат демонстрираа револт поради друга причина, но повторно избрзаа и оштетија трет човек.
Како што е познато, уличниот уметник Енди Мејвејн познат како Барли Бенкси има насликано неколку улични мурали во чест на Лидс Јунајтед, а еден од нив има направено и за Езџан Алиоски изработен на телефонска кутија.
Но за жал навивачи на Лидс го обезличија графитот и врз него напишаа „Умри ФК Гала“.
Тоа го направија откако се појавија гласини за трансфер на Алиоски во Галатасарај. Неговиот договор со Лидс истекнува во јуни и постои можност по четири години тој да си замине од клубот и кариерата да ја продолжи во Турција.
Нивниот голем револт кон Галатасарај датира од полуфинален натпревар во Купот на УЕФА одигран во 2000-та година, кога пред стартот на средбата беа смртно избодени двајца навивачи на Лидс.
И покрај тоа што се поминати две децении, тие сè уште длабоко го мразат Галатасарај, меѓутоа реакцијата им е пред сè избрзана, бидејќи Џани сè уште е нивен член и нема никакво официјализирање на таков трансфер.
Инаку дел од навивачите застанаа зад Алиоски и се огорчени од тоа што е напишано со спреј, а разочаран е и авторот на делото.
„Не знам каква врска има мојата работа со тоа. Ако сакаа да напишат нешто такво можеа тоа да го сторат на празен простор и да остават порака. Ако се работи за навивач на Лидс, навистина е тажно, затоа што тој знае колку труд вложив за овие мурали низ градот. Не разбирам како ова на некој му помага“.
Доколку направи трансфер во Галатасарај, Алиоски би бил втор играч од Лидс после големиот инцидент во Истанбул. Прв тоа го направи Хари Кјуел по што навивачите на Лидс ептен го замразија. Но поранешниот репрезентативец на Австралија не премина во Галатасарај директно од Лидс, туку од Ливерпул.