Нема палење скара на Светско во Русија

Во градовите домаќини на Светското првенство 2018 ќе биде воведен противпожарен режим - одлучило Министерството за вонредни ситуации на Русија чиј главешина е Владимир Пучков.

Забраната важи за палење оган на отворено и уништување на тревните површини а опфатени се и излетните места каде обично се распалува скара.

Овој противпожарен режим ќе трае во времетраење на Мундијалот кој ќе се игра во 11 градови на 12 стадиони од 14 јуни до 15 јули.

Тој што ќе му текне да распали скара во градовите каде што ќе се игра фудбал ќе се соочи со парични казни од 2.000 па дури до 400.000 рубли (5.500 евра), пишува „Известий“.

Притоа сопствениците и закупците на бутки каде ќе се продаваат сендвичи се задолжени редовно да ги чистат површините од запаллив отпад, паднати лисја и сува трева која би можела да се запали. Според портпаролот на Министерството за вонредни состојби на Русија, на териториите кои подлегнуваат на забраната ќе патролираат пожарникари, полиција и доброволци.

Светското ќе се игра во Москва, Санкт Петербург, Сочи, Самара, Казан, Ростов на Дон, Волгоград, Нижњи Новгород, Саранск, Екатеринбург и Калининград.

10 мај 2018 - 15:50