Помалку од 24 часа откако почина малиот навивач на Сандерленд кој боледуваше од невробластом, центарфорот на Англија се прости со својот најдобар другар преку Инстаграм.
„Чао мое другарче, ќе ми фалиш многу“. Вака почнува последниот поздрав на Џермејн Дефо до неговиот Бредли, малиот навивач на Сандерленд којшто синоќа починал во својот дом пред своите родители.
Малиот Бредли на кого му остануваа уште неколку месеци живот беше најпознатиот и најверниот фан на премиерлигашот. За неговото лекување навивачи од цел свет донираа средства, а малиот Бредли често пати излегуваше на теренот пред натпреварите во рацете на Џермејн Дефо.
Двајцата имаа единствен и длабок однос и беа многу поврзани. Дефо му подаруваше најмногу љубов и внимание и со тоа ги освоија симпатиите во целиот свет.
Пред извесно време двајцата заедно влегоа на Вембли кога играше Англија. Дефо, кој плачеше за време на едно прашање на промоцијата во новиот клуб Бурнемут каде потпиша летово, реши да напише проштално писмо кое го објави на Инстаграм.
„Среќен сум поради фактот што Бог одлучи да ми те донесе во мојот живот и ми ја даде можноста да поминам неколку неверојатни моменти со тебе, и поради ова сум му благодарен. Никогаш нема да го заборавам начинот на кој ме гледаше кога првпат се запознавме, невината љубов кои тие очиња ја зрачеа.
Навистина е многу тешко да се најдат прави зборови за да ти опишам колку ми значиш. Начинот на кој ти го изговараше моето име, твојата мала насмевка кога камерите те снимаа како мала ѕвезда и љубовта која што ја имав секој пат кога бев со тебе. Твојата храброст ќе продолжи да ме инспирира до крајот на животот. Никогаш нема да можеш да сфатиш колку успеа да ме смениш и да ме направиш подобар човек. Бог сега те има во своите раце, јас ќе те носам засекогаш во срцето. Спиј мирно, малечок. Ти си мојот најдобар другар.“