Со новите измени на Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортските натпревари, товарот за недоличното однесување на навивачите ќе го понесат клубовите.
Тоа значи дека нивните транспаренти, песни и скандирања ќе ги плаќаат со зголемени казни кои ќе се движат од 2.000 до 8.000 евра за еден клуб.
Тука се мисли на националистички испади кои се проблем со години, особено во мак фудбалот како на пример “Македонско девојче, курва голема“, сквернавење на името на Тоше Проески, “Смрт за шиптари“, “За шиптари гасна комора“ и сл.
Ако сакаат да ги избегнат казните, тие мора да постават одговорно лице на мечот и со акции предвидени во законот да спречат да не дојде до недолично однесување и насилство од страна на навивачите.
Ако полицијата утврди дека има опасност од пеење песни со текст со омраза, вулгарност, навреди на верска и национална основа, организаторот мора да презеде мерки тоа да го спречи за да не добие казна од 500 до 7.000 евра.
Гостинскиот клуб на натпревар со висок ризик ќе плати казна од 500 до 8.000 евра и ако 72 часа пред натпреварот не го извести домаќинот дека организирано доаѓаат неговите навивачи, ако не ја утврди маршрутата на нивното движење за која претходно го информирал и МВР и ако не спречи недостојно однесување.
Од 2.000 евра скока казната на 7.000 евра и ако домаќинот не постапи по насоките на МВР и не ги отстрани недостатоците што ги констатирало 24 часа пред почетокот на натпреварот со висок ризик.
И додека казните за клубовите драстично ќе пораснат, со предложените измени драстично ќе паднат казните за самите навивачи.
Вооружените навивачи наместо со сегашните 500, ќе се казнуваат од 150 до 200 евра. Поттикнување омраза и насилство на верска, расна и националистичка основа ќе падне од 600 до 1.000 на 200 до 250 евра. За фрлање предмети од трибина сегашната казна од 500 до 1.000 евра ќе се замени со 180 до 250.
МВР кој е предлагач на овие измени, нема да ги поштеди ниту федерациите. На пример ако ФФМ во рок од 48 часа пред стартот на мечот не утврди дека ќе се одржи спортски натпревар со зголемен ризик и не ги извести полицијата и спортските клубови како учесници на натпреварот, ќе плати парична казна до 8.000 евра.