Провладините медиуми и симпатизери на владеачката партија зборувале дека слоганот кој стоел до големата „шеталица“ од Силвестер Сталоне алудира на зборовите на протераниот свештеник Фетула Ѓулен кој е обвинет за државен удар лани.
Пред почетокот на мечот со вечниот ривал Фенербахче, навивачите на Галатасарај кренаа огромен постер од една сцена од филмот „Роки“ со зборовите: „Тие изгледаат големи затоа што ти си на колена, крени се.“
Тоа било причина провладините медиуми да најдат еден постар говор на Ѓулен кој завршил со зборовите „Стани Сакарја“ обраќајки се до народот во турската провинција.
Ројтерс пренесува дека премиерот на Турција, Бинали Јилдиим наредил истрага за инцидентот, а од клубот велат дека обвинувањата се патетични и дело на „марионети, кловнови и тролови“.
„Ќе ги искористиме сите правни средства против кое било лице или социјален медиум којшто ќе го стави името Галатасарај зад лидер на омразена терористичка организација“, стои во соопштението на трофејниот клуб.
Десетици илјади луѓе во Турција беа отпуштени од работа а многу завршија во затвор откако владата утврдила нивна наводна поврзаност со движењето на Ѓулен.