Во продолжение од македонското фудбалско првенство, Шкендија денес гостуваше во Кичево каде Тетовци играа против Турново. Во меѓувреме навивачите на Будуќност патувале кон Скопје на мечот од женската ракометна Лига на шампиони меѓу Вардар и Будуќност.
Од МВР соопштија дека двете групи се сретнале на Стража каде дошло до масовна тепачка во која подебелиот крај го извлекла црногорската навивачка група, чии автобуси биле демолирани. Меѓу повредените навивачи имало и неколку прободени кои од гостиварската болница биле пратени на скопската Клиника.
Варвари како и неколку пати досега тргнале да ги бодрат ракометарките на Будуќност во Скопје, но овојпат не стигнаа до крајната дестинација и дуелот во Јане Сандански се одигра без нивно присуство.
Од МВР соопштија дека навивачите на Шкендија со камења фрлале кон автобусите од Црна Гора, по што дошло до масовна тепачка.
До тепачката дошло откако еден од околу десеттина автобуси со навивачи на Шкендија застанал на патот а од спротивната страна наишле двата автобуси што носеле навивачи од Будуќност . Навивачите на Шкендија започнале да фрлаат со камења по автобусите кои застанале и од нив излегле црногорските навивачи по што започнала масовна пресметка на двете групи во која биле користени камења и други предмети, информираат од полицијата.
Подоцна, во центарот на Скопје инцидент имало и меѓу навивачите на Вардар и Будуќност. Комитите и Варварите се судриле кај Трговскиот центар, но по брза интервенција на полицијата инцидентот се решил.