Нема поголем ќеиф за навивачите кога поранешен фудбалер наместо во ВИП ложата, ќе го видат застанат со нив, измешан меѓу тифозите и расположен за песна и поддршка на неговиот клуб. Потег со кој ги купува засекогаш.
Тоа синоќа го направи Цезар, Бразилецот кој иако го напушти Олимпико пред 11 години, се уште го чувствува Лацио како свој. Беше дел од вчерашната вешта која следуваше по победата на Лацио од 2:0, во првата рунда од полуфиналето во Купот на Италија.
Застана на оградата, пееше, а некој да не го знае ќе помисли дека е водачот на Иридучибили.
Вчерашното негово присуство на трибината каде седат најзагреаните навивачи на Лацио не беше прво. Тој се појави и на едно дерби во 2015-та со дрес на кој го пишуваше името на познатата трибина на Олимпико.
Цезар Родригез е вториот Бразилец во ерата на Крањоти кој потпиша 5 годишен договор со Лацио летото 2001-ва за сума од 5 милиони долари. Го облече број 3 и влезе во комбинација на лево крило во формацијата 3-5-2 на Дино Ѕоф.
„Личам на Сержињо од Милан, а малку и на Жуниор од Парма. За мене доаѓањето во Лацио е сон. Знам дека имаше и други понуди, како на пример онаа од Брселона, но Бјанкочелестите ми ја дадоа најдобрата понуда. Едвај чекам да заиграм на римското дерби“, беа дел од неговите зборови на промоцијата.
За Лацио одигра вкупно шест сезони и на 119 меча постигна 18 голови, а две сезони играше заедно и со Горан Пандев. Цезар со Лацио освои Куп на Италија, а откако во 2006-та направи трансфер во Интер освои две титули под водство на Роберто Манчини.
Неговата поврзаност со навивачите на Лацио е посебна бидејќи е поранешен стрелец на римското дерби и тоа на едно од нивните омилени на 6 јануари 2005-та, кога гол по пауза од 17 години на Рома и даде Паоло Ди Канио кој важи за голем Лацијал уште од дете.
Цезар се повлече од фудбалот пред седум години. Прво работеше како тренер во младинскиот сектор на Лацио, а сега истата функција ја врши во Фрозиноне. Неговата стекната слава во Серија А не го промени и тој е секогаш меѓу навивачите.
Во кариерата има и една црна дамка и тоа уште на стартот кога почнал да игра во сениорска конкуренција на 19 години. Кога Јувентус Сао Паоло во 94-та се пласирал во првата бразилска лига, газдата решил да ги почести играчите со премија од 100.000 долари.
Но кога назначениот службеник на клубот заминал да им ги подели парите, бил ограбен од двајца вооружени лица. Цезар бил вмешан во грабежот и бил осуден на 5 години затвор.
Голот на дербито