Селекцијата на Мароко им пружи на своите навивачи многу причини за насмевки на ова Светско, а кога се насмеа еден од ликовите кои секогаш ги бодреше од прв ред, почнаа него да му се смеат.
Навивачот по име Мохамед Ал Шарафи беше трол број 1 на социјалните мрежи поради лошите или уште поточно, поради недостигот на заби.
Но Мундијалот е најголемиот фудбалски настан кој секогаш носел убави приказни. Таква е приказната со Мароко кој од нигде никаде стигна до полуфинале, а исто и со Мохамед.
Д-р Шади Ал Шаик од Јордан, ги замолил своите еден милион следбеници да му помогнат да го пронајде верниот марокански навивач за да му помогне.
„Сакав да му помогнам веднаш штом го видов на тв. Не ми се допадна како луѓето го малтретираа поради неговите заби. Го запознав во Катар и му понудив бесплатно лекување во мојата клиника во Дубаи“, вели Д-р. Ал Шаик.
Ал Шарафи отпатувал со својот син во Дубаи и добил бесплатно лекување со се платени патни трошоци, а Д-р. Ал Шаик ќе продолжи да го лекува без пари во следните шест месеци.
„Тој страдаше од ресорпција на коските во горната вилица, што предизвикува уништување на коскените ткива. Тоа ја отежнува имплантацијата на нови заби. Неговиот шестмесечен третман ќе бара прво имплант на коска“, објаснува докторот.
Д-р Ал Шаик објави видео на Инстаграм на кое го покажува мароканскиот навивач со новите заби и напиша: „За тролачите. Ова е само почеток”.