Македонски фан клуб на Арсенал

Македонските Топџии кои 10 години заедно дишат со Арсен Венгер

Нашето јубилејно 10-то запознавање со фан клубовите од Македонија е со навивачите на Арсенал кои веќе една деценија се организираат во чест на нивниот омилен клуб. 150 се регистрирани членови, а 80 од нив беа неодамна на гостување во Софија на ЛШ, каде урлаа од радост на пресвртот кој го направи Озил со мајсторија во финишот.

Македонските навивачи на Арсенал имаат повеќе патешествија за раскажување, а дел од нив се натпреварите во Лига на шампиони против Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и Лудогорец.

Арсенал за нив не значи само бодрење и одење на стадион. Тоа е клубот кои ги спојува навивачките клубови на европската мапа, како на пример во Будимпешта каде се покажале најдобри во знаење. За нив зборувавме со Благоја Камиларовски.

Од кога постои фан клубот на Арсенал и колку членови имате?

Фан клубот Arsenal Macedonia Suppоrters Club постои од 2006 година и брои околу 150 редовно регистрирани членови.

Дали сте регистрирани како официјален клуб и што значи тоа во пракса? Имате ли некакви бенефиции?

Да, официјално е регистриран во Лондон како официјален македонски фан клуб на Арсенал. Има некои бенефиции, како на пример попусти на нарачки од фан шопот, добиваме и подароци како и реквизити кога се игра некој значаен меч како финале на куп и слично и членовите на клубот добиваат и одреден број на карти за натпреварите од Лигата на шампионите кои се играат на гостински терени низ Европа.
 
На кој меч се собравте прв пат?
 
На мечот во Белград кој што Арсенал го играше со Партизан, во мал број околу 15 души, меѓутоа тоа беше при самите почетоци на клубот уште немаше голема бројка на регистрирани ченови.

Што те привлече кај Арсенал и од кога навиваш за нив?
 
Па мислам дека уште бев средно 4-та година или така нешто од прилика. Единствен човек кој ме натера и до ден денес да навивам за овој клуб, а мислам дека и 90% од навивачите би го одговориле истото е никој друг освен Тиери Анри. Имав огромни симпатии кон играта на овој човек, тогаш беше и во најдобрата форма и беше буквално икона на Арсенал на секој меч, со сета почит кон останатите легенди од тоа време, но да не беше Анри мислам дека немаше до толку да се заљубам во Арсенал. Исто така и филозофијата на Арсен Венгер кој преферираше строго напаѓачки фудбал и буквално мелеше противници од било која клас. Нели сите добро ја знаеме сезоната освоена без пораз и 49 натпревари без пораз со што влегоа во фудбалската историја и легенда.

Собир за меч од ФА Куп

Тешко ли е да се биде навивач на клуб кој е меѓу водечките во Премиер лигата, но никако да освои титула уште од времето на Беркгамп, Љунберг и Пирес, а се соочува и со шест елиминации во низа во осминафиналето од ЛШ? Како ве држат нервите?
 
Па да речам дека е лесно ќе излажам, меѓутоа се носам некако со тоа. Некако ми е бесцелно за клуб кој што толку го обожавам да земам да плукам само по него за неуспеси и било што, јас ниту сум тој што решава нешто тамо, ниту моето мислење нешто ќе промени, јас сум само човекот со поддршката и кинење на нервите пред екраните и повремено на стадион : )

Кој е твојот став за Арсен Венгер (или ако сакаш ставот на повеќето навивачи од вашиот клуб)? Заслужува ли уште доверба со оглед на тоа што веќе две децении е на кормилото, а освои три титули во Премиер лигата и ниту еден меѓународен трофеј?
 
Ако почнеш да прашуваш ред по ред во нашиот фан клуб за Арсен Венгер ќе налеташ на огромен број спротивставени мислења, има многу кои сакаат да остане доживотно во клубот меѓу кои сум и јас, а има и такви кои што им е изгубена секаква поддршка кон него, меѓутоа тоа си е мислење секој за себе и не треба да игра улога во поддршката на клубот и слично. Точно е дека има само 3 титули во Премиер лигата и некој ќе рече тоа е премалку за таков клуб, меѓутоа мора да се согледа и од другата страна.

На Алијанц арена во Минхен

Арсенал беше клуб кој доживеа неколкугодишна транзиција, се изгради нов стадион се потрошија многу пари за тоа и се стави во ситуација кога одреден период не можеше да располага со голем буџет за трансфери и да носи звезди. Тоа беше и најавено со самата транзиција и беше познато и на јавноста и навивачите, но многу голем број некако како да не можеа да се помират со тој факт и упорно бараа трошење и трошење. Ако согледате периодот на транзиција кој траеше некојси 5-6 години е всушност период во кој Арсенал ги имаше и тие најлоши резултати на завршување, строго 4-то место, испаѓање во купови и Лига шампиони во рана фаза. Од кога клубот почна со вложување на финансиски средства во трансфери на звучни имиња до некаде и тргна сè нагоре, се освоија неколку купови и супер купови, поголема конкурентност во лига каде што се мрдна од тоа 4 место и слично.

Омилен меч?
 
Дефинитивно сезона 2006-2007 против Манчестер Јунајтед на Емирати, победа со пресврт со гол со глава во 93 минута од страна на Тиери Анри нафрлена од десна страна од Ебуе. Никогаш нема да ја заборавам радоста на 20 души што навивачи што не кај мене на гости при тоа во целата еуфорија успеав да искршам пластично столче трескајќи го од земја од радост.

На плоштад во Дортмунд

Неодамна бевте на мечот Лудогорец - Арсенал во Софија во рамките на ЛШ. Раскажете ни го тоа искуство? Како течеше организацијата? Како поминавте? Колку навивачи бевте?
 
Од страна на Арсенал добивме голем број на карти за мечот со Лудогорец така што од прилика 80 луѓе тргнавме на тој меч. Во Софија беше предобро организирано, првиот собир беше во локален паб каде што одеа стари мечеви на бим, се пееа без престан песни и нормално се испи тон пиво. После тоа сите навивачи на Арсенал дојдени во Софија од цел свет се собравме на плоштадот во центарот каде во огромен број се продолжи со позитивната атмосфера на пеење, сликање, давање интервјуа за телевизии и слично. Два саата пред почетокот на мечот организирано придружувани од полициски кордон тргнавме накај Васил Левски стадионот каде што се играше мечот. За самиот меч што да кажам повеќе, можеби и беше подобро за нас навивачите што се одвиваше така мечот. Лудогорец е екипа која што сите ги изненади, па не остана должна ни кон Арсенал. Даде брзи два гола за 15 минути, за потоа мечот да го превземе Арсенал и со неверојатните потези на Месут Озил во 90 минута пресврт 2:3 за делириум на гостинската трибина каде што бевме сместени.

На стадионот на Дортмунд

Колку пати ваши членови го бодреле Арсенал во живо? Имате ли можност често да патувате во Лондон?
 
На мечевите од Лигата на шампионите се оди многу често особено во земјите каде што тоа е најисплатливо како и околниве балкански земји. Најчесто се оди на мечевите со германските тимови, а за мечевите во Лондон има членови кои што биле на Емирати, но секој оде на своја режија и можности, знаете како е со Британија и административните работи, така што се нема преголема можност за одење на домашните натпревари.
 
Каде ја доживеавте најдобрата атмосфера?
 
Ако зборуваме за победничка атмосфера тогаш тоа е дефинитивно мечот со Лудогорец, при бидејќи останатите години губевме од тимовите каде што гостувавме во Лигата на шампионите, а ако зборуваме за стадионска атмосфера тогаш тоа е дефинитивно Германија, Дортмунд и Баерн Минхен.

Сте се сретнале ли со некој играчите?
 
Со играчите посебно организирани средби сме немале, се тоа било на сопствена режија на некои гостувања, некој член да се сретне со некој играч во хотелот кај што се сместени или на пример кога некој играч на Арсенал ќе дојде на гостување во Македонија со својата репрезентација.
 
Дали можеби комуницирате со фан клубови од други земји?
 
Со фан клубови од други земји сме постојано во комуникација особено кога се оди на натпревари, меѓутоа и последниве години има организации за собир на фан клубови од Европа во одредена држава зависи кој фан клуб ќе се нафати за организацијата. Од овие собири можам посебно да го издвојам собирот пред 2 години во Будимпешта во режија на Арсенал Унгарија, која што организираше собири, квизови, турнири во фудбал и средба со поранешна легенда на Арсенал. Таму Арсенал Македонија го освои првото место во Арсенал квизот и второ место на фудбалскиот турнир каде загуби во финалето од Арсенал Словенија.
16 декември 2016 - 13:26