Вардар тоне претпоследен на табела со само 3 победи на 14 меча, газдата од Унгарија никој не го видел, директорот се изјасни со чуден Фејсбук статус и во подкаст.
И место како секој нормален клуб, раководство да излезе, да се претстави пред јавноста, па и да се пофали дека го презема македонскиот бренд и да ги каже плановите и целите, единствени кои се обратија до јавноста после собранието на клубот се Комитите.
Милорад Миленковски, како претставник на здружението „35 години ФК Вардар“ одржа прес конференција сам, откако ниту Миленко Неделковски, ниту другите луѓе од управата не се одѕвале на поканата за заеднички прес, кој Комити сакале да биде во базата на клубот во Хиподром.
Миленковски откри како Неделковски бил назначен за извршен директор, кои се другите поставени луѓе во управата и кој бил посредник или гарант.
„На 10 јуни имавме средба со претставници на владата каде ни беше кажано дека решението за Вардар е на повидок и дека за тоа да се случи ќе треба да ги предадеме нашите акции. После одредено колебање, се договоривме дека тие акции ќе ги предадеме. На инстистирање на тие што не повикаа, а на барање на инвеститорот е поставен за извршен директор Миленко Неделковски. Во тој момент тоа не го прифативме, моравме да се консултираме со нашето членство, бидејќи ние сме како здружение субјект и правен застапник кои ги застапува интересите на Комити Запад“.
„Владата на РМ се јави како гарант дека сè ќе помине во ред и со оглед на тоа дека е народна иституција, како што е и Вардар народен клуб, ние верувавме дека сè што кажаа ќе биде имплементирано, без разлика како во моментов се однесува претставникот на мнозинскиот акционер. Преставник на владата во разговорите беше Владимир Неловски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицковски. Откако добивме аргументи дека Вардар ќе биде заштитен, се согласивме да биде Миленко Неделковски претставник. Ситуацијата ни беше претставена на маса, или Миленко ќе биде во ФК Вардар или Вардар нема да постои“.
„На 3 јули, свесни за ризикот Вардар да не пропадне, не го кажувам тоа случајно, на некој начин бевме принудени Вардар да го предадеме и да пружиме рака со Миленко Неделковски, односно со тие кои него го промовираа. Ни кажаа дека инвеститорот кај и да е, треба да дојде, да се склучи договор со него, да се предадат веќе договорени 85% од акциите, а да задржиме 15% со кои сепак би биле присустни внатре во структурите на ФК Вардар и би можеле директно од прва рака да реагираме во негова одбрана“ , објаснува Миленковски.
Потоа на 6 септември здружението „35 години ФК Вардар“ склучиле договор со Атила Бијен Јалили, кој бил претставуван од правниот застапник Ружица Николовска преку меѓународно полномошно.
На 11 ноември се одржало собранието, за кое веќе Комити имаа соопштение на Фејсбук, но овој пат ги обелоденија имињата и на другите луѓе кои биле изгласани да бидат дел од раководната структура.
„На собранието е претставен одборот на директори од кои еден е извршен член поставен од мнозинскиот акционер, односно од Атила, а тоа е Миленко Неделковски и три неизвршни членови поставени од негова страна, како и еден неизвршен член согласно 15% од акциите кои ги имаме поставено од наша страна. За неизвршни членови поставени од мнозинскиот акционер се Владо Петровски, Александар Кузмановски и Борче Крстовски Илиовски. Од здружението „35 години ФК Вардар“ е поставен Мартин Гелев“, вели Миленковски.
На новинарско прашање, зошто навивачите се против Миленко Неделковски, претставникот на Комити вели:
„Ние никогаш не сме рекле дека имаме стереотипи против било каква личност, но бидејќи нашата визија е дека ФК Вардар треба да обединува, сметаме дека профил на човек кој што треба да биде поставен е токму таква личност. Човек кој не го поларизира општеството, не го политизира работите, туку 100% е насочен кон Вардар. Тоа го кажавме и на собранието, зошто сметаме дека Миленко Неделковски не е соодветна личност за тоа место“.
Имаат поднесено барање и до владата и до актуелниот сопственик за смена на Миленко Неделковски.
„Што се однесува до однесувањето и постапките на претставникот на мнозинскиот акционер, ние веќе имаме пуштено опомени пред тужба. Следно, доколку има потреба, ќе биде покренување тужба. Договорот кој го склучивме беше во духот на соработката, а да не има конфликти. Што се однесува до зеленото џамче, еве вака ќе ми одговорам. Јас знам што имам во меѓуножјето, па да го прашаме господинот кој што го прозва тоа, да покаже тој што има, затоа што беше повикат да дојде тука, но не дојде. Каков кредибилитет има кога е повикан да дојде директно на соочување, а тој пишува Фејсбук статуси? Каква порака испраќа? Каде е меѓуножјето тука?“, вели Миленковски.
Инаку на пресот Миленковски рече дека долгот на Вардар е околу 3 милиони евра, но дека се споменува дополнителен долг кој верува дека е поврзан со имотот на клубот и така се стигнува до вкупен долг до 7,5 милиони евра.
Комити му го предале Вардар на новото раководство со 470.000 евра. Сметката на клубот е блокирана од ноември 2018-та.
Миленко Неделковски: Вардар е леш кој треба да се оживее со долг од над 7 милиони евра
Комити: Оваа агонија мора да заврши, инвеститорот да го разреши постоечкото раководство