Миленко Неделковски: Вардар е леш кој треба да се оживее со долг од над 7 милиони евра

„Од летоска до сега во Вардар се влезени и потрошени над 500.000 евра. За 3-4 недели следува собрание на акционери на кое ќе ја назначат новата управувачка структура. На Панчев, Попов, Седлоски....до крај на живот им е забранет влез на Северна трибина, бидејќи тие го блокираа Вардар“, вели Миленко.

Миленко Неделковски конечно се одѕва јавно на тема ФК Вардар и тоа како гостин на подкаст. За неговата функција, најверојатно како извршен директор, немаше ниту едно соопштение, ниту пак прес конференција, што е праска кога доаѓа раководно лице во клуб.

Медиумите објавија дека е на чело на Вардар врз база на свои информации, а чаршијата за тоа зборува веќе од месец август. Се појави и слика од него за време на натпревар на Северна трибина.

Во подкастот FootCastMk, Миленко зборуваше на повеќе теми поврзани со Вардар. Рече дека спортски директор е Иди, односно спортскиот новинар Игор Иваноски и дека нивните фунции не се официјализирани бидејќи се чека тоа да се случи на собрание.

Неделковски откри дека Вардар е блокиран за 2,5 милиони евра, а вкупниот долг е нешто над 7 милиони евра.

„Вардар сега е во фаза на враќање на својот бренд, кој долго време е уништуван, понижуван, задолжуван. Најразлични шајшутки го терале те лево те десно, паднат на најниски можни гранки, задолжен енормно. И сега тој проект е леш кој се наоѓа во гроб, кој треба да се ископа, да се извади сандукот, да се извади лешот и да се оживее. Вардар е клуб кој нема свој дом, адреса, кабина, опрема, пари. И тоа е апсолутно супер тежок проект“. 

Од папка со логото на Вардар извади листа на луѓе кои рече дека се виновници што е блокиран Вардар, алудирајќи на тоа дека сметката на клубот е блокирана поради неисплатени плати кон нив во износ од 51 милиони денари или околу 830.000 евра. 

„Влезот на Северна трибина им е забранет, можат ако сакаат да си купат карта за на Јужна“, рече Неделковски и почна да ги брои заедно со сумите: 

„Дарко Панчев (4 милиони денари), Михајло Костиќ (8,5 милиони), Бојан Захариев (3,6 милиони), Гоце Седлоски (3 милиони), Игор Кралевски, сума која не можам да ја кажам бидејќи нешто е негово, нешто на некоја адвокатка поврзаната со него и тука немам расчистено. Горан Попов (14,5 милиони или 250.00 евра). Што има одиграно Горан Попов за Вардар? Беше фолирант и повреден цело време за што Вардар му должи 250.000 евра. Панче Георгиевски (3 милиони), Горан Митев (6 милиони), Матеј Цветановски (5,5 милиони). Ова се 51 милион денари. На овие луѓе влез на Северна трибина ќе им биде забранет до крај на живот. Ниту Попов, ниту Панчев не ги заслужиле парите од клубот. Ништо не работел Дарко Панчев во клубот, само земал пари и плус ги задолжил поради оној голман од Белград, Ќировски или како се викаше“, вели Неделковски.

Кој е носител на проектот?

„Од пред неколку недели сменета е сопственичката структура, со тоа што 85% има човекот - Атила, по претходно постигнат договор со претходните сопственици, а тоа е Здружение на граѓани, невладина организација. Во тој договор во кој немам учествувано и не ме ни интересира е договорено да се преземат акции од 85%, а 15% да останат на таа невладина организација. За 3-4 недели следува собрание на акционери каде што ќе ја назначат новата управувачка структура.“

Која е идејата околу финансирањето?

„Од летоска до сега во Вардар се влезени и потрошени над 500.000 евра. Идејата е да се влезе со друг концепт и во Вардар да нема еден човек - туку повеќе луѓе кои ќе даваат пари. Работата е преку Атила, кој е генерален менаџер на две огромни компании кои тежат по 200 - 250 милиони евра, да се заинтересираат и неговите бизнис партнери и сите тие да учествуваат во Вардар. Не еден, туку 13 души да дадат по 1 милион. Значи од неговите 85% од акциите да се заинтересираат и други и потоа со тие акции да се излезе и на берза. Поентата е Вардар да се спонзорира од повеќе спонзори и да се шири таа мрежа“.

Неделковски откри дека за оваа година буџетот на Вардар би требало да биде околу 2,5 милиони евра. Тоа е доволно за Македонија, но не доволно за било што друго, вели тој.

16 октомври 2024 - 14:05