Барселона за реванш четвртфиналето од ЛШ против Манчестер Јунајтед одреди цените за една карта за англиските навивачи да изнесува високи 102 фунти (120 евра).
На страна финалињата, тоа е рекордно најскапа карта во историјата на Лигата на шампионите која ќе треба да ја платат навивачите на Јунајтед како гости.
Кога во Манчестер Јунајтед го слушнале ова, се решиле како што велат да донесат “тешка одлука“ и да возвратат со иста мера, а тоа значи вие 102 фунти за нашите, тогаш и ние 102 фунти за вашите навивачи.
Англискиот клуб излезе со соопштение со таа разлика што се решиле секој навивач кој ќе отпатува на Камп Ноу да го субвенционира со 27 фунти и да му го смали трошокот за карта на 75 фунти.
„Сметаме дека нашите навивачи повторно се подложени на зголемени/прекумерни цени за билети од клубот домаќин. Повторно донесовме тешка одлука да им ја наплатиме на навивачите на Барселона истата сума, која таа ја бара за натпреварот кој го игра дома. Нашите дополнителни приходи ќе ги искористиме за да им ги субвенционираме картите на нашите навивачи по 27 фунти“.
На Манчестер Јунајтед му се доделени 4.610 билети за своите навивачи. Тие ќе помогнат со 27 фунти за еден или со вкупно 124.470 фунти за да им ги олеснат трошоците.
Ова не е прв пат Црвените ѓаволи на ваков начин да им помагаат на своите навивачи кога патуваат во Шпанија. Истото го направија на гостувањето против Валенсија и тоа сезонава во групната фаза, како и минатата година во осминафиналето против Севиља.
Гестот на клубот го пофалија навивачите на Манчестер Јунајтед и тие се надеваат дека тој ќе делува кај идните противници кои ќе сакаат да ги зголемат цените за гостинските навивачи.
Се очекува притисок и од УЕФА која лани го истражуваше зголемувањето на цените, вклучувајќи и она на Андерлехт кој реши на навивачите на Баерн Минхен да им наплаќа карти по 100 евра. Многу германски навивачи го бојкотираа мечот и покрај тоа што нивниот клуб се реши да ги субвенционира.
Поплаки до УЕФА минатата сезона имаше и Ливерпул откако Порто одреди цените за гостинските навивачи да бидат три пати повисоки од оние за домашните.