Англиската полиција уапсила четири лица кои синоќа пред почетокот на дуелот Манчестер Сити - Севиља ги нападнале шпанските навивачи.
Необично, нападот го извршиле полски хулигани од градот Вроцлав кои на тој начин сакале да им се одмаздат на навивачите на Севиља за претходен напад. Инцидентот се случил во самиот центар на Манчестер кога Полјаците маскирани влегле во локалите каде седеле Шпанците, фрлале столици и ги нападнале навивачите на Севиља.
Хулиганите на овие два клуба имаа неколку сериозни инциденти во август 2013-та година во пресрет на плејоф мечот меѓу Вроцлав и Севиља во Лигата на Европа. Се степаа и една година подоцна, во Кардиф кога во УЕФА Суперкупот играа Реал Мадрид и Севиља. Желни за одмазда, полските хулигани не бирале место и средства па така отпатуваа во Велс лани и сега во Манчестер. Мечот Сити - Севиља заврши 2-1 со гол на Де Брујне во судиското продолжение.
Слично нешто навивачите на Севиља имаа пред неколку години со групата навивачи на Партизан, Алкатраз, кои останале без неколку знамиња и транспаренти на гостувањето во овој шпански град на меч од Лигата на Европа. Со цел да се одмаздат, навивачите на Партизан после две недели отпатуваа во Џенова, на мечот Сампдорија - Севиља каде од гостинските навивачи одземале неколку ударни транспаренти, што во навивачкиот свет се смета за трофеј.