Го ископал черепот на дедо му, за заедно да прослават титула

Фудбалот во Аргентина е религија. Таму е сосема нормално човек да уплати за услуга фрлање на пепелта по својата смрт, на омилениот терен и стадион. Нека не ве чуди ни ова што го направил овој фрик, навивач на Расинг Клуб.

Фудбалерите на Расинг ја освоија долго очекуваната титула во Аргентина, најмногу благодарение на ремито 1-1 против Тигре, па фештата меѓу фанатиците можеше да почне.

На улиците на Авејанеда, предградие на Буенос Аирес излегле илјадници навивачи на Расинг кои славеле шампионски пехар доцна во ноќта. Журката почнала пред легендарниот Обелиск во строгиот центар на престолнината:

Еден од нив, кој се претставил како Габриел Аранда донел „специјален гостин“ на прославата - черепот на дедо му, со цел заедно да ѝ се радуваат на титулата првак на Аргентина.

„Тој би бил горд на ова. Секогаш кога игра Расинг, го вадам черепот од урната, дедо ми Валентин Агиљер беше член на клубот додека беше жив и тој ни носи среќа“, рекол Габриел за TNT Sports.

Ова е вкупно деветта титула за клубот во кој револуција прави спортскиот директор Диего Милито, човекот кој на Интер со Пандев им донесе тројна круна во сезоната кога Мурињо беше тренер на „нераѕурите“.

Расинг традиционално важи за еден од најголемите клубови во аргентинскиот фудбал, а ова им е втор трофеј во последните пет години. На Расинг во прилог му одеше и резултатот меѓу Дефенса и Хустисија со Унион де Санта Фе (1:1). На коло пред крајот разликата е четири бода (Расинг 56, Дефенса 52).

На решавачкиот меч, Расинг поведе 1-0 против Тигре со голот на Аугусто Солари во 57’ минута, а гостите израмнија пред самиот крај од слободен удар преку Лукас Родригез.

Новиот шампион стигна до вредниот пехар со 17 победи, 5 нерешни и само 2 порази на 24 меча. Интересно, во последното коло Расинг ќе се сретне токму со второпласираниот тим, Дефенса и Хустисија, што за малку можеше да стане одлучувачки меч за титулата.

La Academia во професионалниот фудбал има титули во аргентинската Апертура во 1949, 1950, 1951, 1958, 1961, 1966 и 2001 и 2014 и сега 2018/2019. Во Аргентина титулите се бројат од 1931 година кога почнал да се игра професионален фудбал, а од тогаш до сега повеќе титули од Расинг имаат само Ривер и Бока.

Меѓу бројните навивачи на Расинг е и градоначалникот на Буенос Аирес Хорасио Родригез Ларета кој напишал на Твитер: „Пак сме шампиони!“

 

2 април 2019 - 09:23