Баварската машинерија со 9 бода освоени на 4 меча веќе е осминафилист во ЛШ. Затоа тие вечерва на гостувањето против Андерлехт не влегуваат оптоварени, ама проблеми имаат нивните навивачи.
Тие решија да го бојкотираат вечерашниот натпревар, а причините се старо-нови. Високите цени за гостински средби во Лига на шампиони од 100 евра.
„Нема да одиме на гостувањето против Андерлехт организирано како група. Цена на билет од 100 евра за меч од групна фаза во ЛШ, за нас е налудничава работа“, стои во нивното соопштение.
Баерн Минхен доби 173 карти по цена од 70 евра и уште 852 за 100 евра и сите овие билети решија да им ги продадат на своите навивачи за 70 евра, со тоа што остатокот ќе го платат тие. Но навивачите цврство стојат на ставот и за нив не е доволна ниту одлуката на клубот кој се понуди да ги субвенционира.
„Баерн ги субвенционира картите и тоа е за пофалба, но ништо не го менува генералниот тренд, а тоа е гостинските навивачи и натаму да се соочуваат со високи цени, како што го прави сега тоа Андерлехт. Многу наши членови не сакаат да ја платат оваа цена и да одат на тој стадион. Не можеме и не сакаме да одиме таму и да протестираме на лице место како во Лондон и Париз, но сè уште се надеваме дека ќе се отвори дискусија за да се донесе решение за овие влезници во ЛШ“, велат навивачите.
Последниот протест на навивачите на Баерн се случи на гостувањето против ПСЖ, а претходно во октомври 2015-та на мечот со Арсенал, во знак на протест трибината ја оставија празна во првите 5 минути.