Меѓу другите услови што ги поставија навивачите на МЗТ Скопје познати како „Фамилија Аеродром“ беше и оној кога ќе игра нивниот клуб во салата „Јане Сандански“ да нема црвени столчиња. Претходната управа предводена од поранешниот градоначалник Коневски немаше слух за нивните барања, па МЗТ често играше пред празни трибини во кои се слушаше шкрипењето на патиките.
Црвената боја не ја сакаат од причина што таа е препознатлива за нивниот вечен ривал Работнички. Црвените столчиња во „Јане Сандански“ беа во склад со боите на ракометниот клуб Вардар кој веќе пар сезони е домаќин во оваа сала.
Според информациите од Аеродром, кога ќе игра македонскиот претставник во Јадранската лига на свој паркет тогаш врз столиците ќе се ставаат сини навлаки.
Аеродромци се желни за навивање, веќе две ипол години ги чуваат гласните жици а наскоро би можеле да го бодрат МЗТ кој вечерва игра против Фени Индустри заостанат меч од седмата рунда на Македонската Прва лига, а потоа на домашен паркет го пречекува Раотнички.
Но официјалниот став на групата е дека дербито ќе се скокне и официјалното враќање е закажано за 10. декември кога во „Јане“ доаѓа црногорскиот Морнар во рамки на Јадранската лига. Колку е ова вистински потег останува да се види за десетина дена.
Од друга страна навивачите на Работнички најавија дека ќе се појават на дербито за да го бодрат тимот кој сезонава фаќа сериозен залет за плејофот.