Римско дерби без навивачи не е дерби. Конечно тоа го сфатија и во италијанското Министерство за внатрешни работи кои минатата сезона ги поделија со плексиглас Курва Норд и Курва Суд, двете омилени трибини на навивачите на Лацио и Рома. Изговорот им беше „Поради безбедносни причини“
Од тој момент навивачите на двете екипи се впуштија во бојкот и не сакаа да стапнат на Олимпико се додека не ги тргнат оградите со кои им се дели навивачката група.
Дербито од тогаш беше посиромашно со публика и го немаше оној навивачки драж и кореографии кои се типични за натпреварите меѓу големите ривали од Рим. Попуштија само дел од навивачите на Лацио кои се појавија на првиот полуфинален натпревар од Купот на Италија кој заврши 2:0 за Бјанкочелестите.
Реваншот се ближи, тој е закажан на 4 април кога се очекува дерби со полни трибини, а надлежните работат на случајот и ги острануваат бариерите кои ги делеа навивачите.