Војдан Стојановски вечерва ќе биде прогласен за најдобар македонски кошаркар во 2015-та, со што ќе го наследи својот брат близнак Дамјан кој лани го доби ова признание.
Освен што беше носител на играта во квалификациите и лидер за време на Европското во Загреб, Војдан игра пристојна сезона и на клупски план во шпанската Андора Морабанк.
Од друга страна, чуди тоа што на ниту еден избор за спортист или кошаркар на годината го нема Перо Антиќ, човекот кој играше конференциско финале во НБА и кој во Евролигата од високо ги гледа противниците со турскиот Фенербахче. Антиќ е стандарден кај Жељко Обрадовиќ, како во тамошниот шампионат, така и во елитната Евролига.
Домашните портали пишуваат дека една од повеќето причини зошто Перо не бил меѓу кандидатите е нарушениот однос што го има со луѓето од кошаркарската федерација, пред сè со претседателот Петар Наумоски со кој вербално се дофрлаа пред стартот на Евробаскетот 2015. Пеце тврдеше дека сомнева во желбата на Антиќ да игра за својата земја, Перо најчесто одговараше дека во НБА има напорна сезона и дека сака повеќе од времето да го помине со семејството.
Ако чуди неговото изостанување од овој избор, уште повеќе чуди тоа што Антиќ не се најде ниту на листата кандидати за најдобар спортист во странство, во организација на Агенцијата за млади и спорт (АМС), која реши да го кандидира Владо Илиевски. Плејмејкерот кој остана запаметен по фамозната реченица после историскиот дуел со Литванија ја имаше можеби и најслабата сезона во кариерата на клупски план како кошаркар на Цибона и Орландина.
Покрај Илиевски, за наградата најдобар македонски спортист во странство ќе конкурираат уште и Кирил Лазаров, Борко Ристовски (ракомет), Агим Ибраими (фудбал) и Никола Ѓоргиев (одбојка).
Изборот за кошаркар на годината ќе се одржи вечерва од 19:30 часот во хотелот Александар Палас. Покрај Војдан Стојановски како играч на 2015-та, награда ќе добие и Љубомир Младеновски за најдобар млад играч, а за тренер на годината е прогласен Страшо Тодоровиќ, стратегот на КК Куманово.