Евробаскет 2015

Змајчеки нè спакуваа за дома

Со четири порази на пет натпревари, на нашите репрезентативци не им преостанува ништо друго освен да ги спакуваат куферите и да се вратат дома. Попладнево во Загреб, Словенија - Македонија 62-51 (24-10, 7-14, 21-17, 10-10).

Македонската кошаркарска репрезентација неуспешно го заврши петтото учество на едно Европско првенство. Попладнево во загрепската Арена подобра од избраниците на селекторот Србиновски беше Словенија, селекција која заслужено оди понатаму.
 
Лошиот старт на почетокот од мечот, Словенците го казнија со серија 8-0 и поведоа 11-2. Тешко и тромо во напад, без решение за Драгиќ во одбраната и негатива од 14 поени после првата четвртина (24-10). Со влегувањето на Дарко Соколов, нашата игра доби на свежина по што следуваше фантастична серија од 10-0 и резултатско приближување на 24-22. Змајчеки цели 6 минути беа без поени во тој период од мечот.

На полувремето се замина со 31-24 за Словенија, резултат кој на капитенот Илиевски и соиграчите им влеваше надеж дека ќе може да се носат резултатски. Сепак, ништо подобро не игравме ниту во третиот период, после кој имавме 11 поени негатива и ниту еден расположен играч освен капитенот Владо Илиевски кој до тој момент постигна 14 поени.
 
На 8 минути пред крајот, Драгиќ погоди тројка и Зелено-белите заминаа на високи 14 поени негатива (57-43), предност која до крајот нашите делумно ја намалија за конечни 62-51. Владо Илиевски со 15 поени беше најефикасен во нашиот состав, а 10 даде Предраг Самарџиски. Најдобар поединец на мечот беше Горан Драгиќ со 20 поени за Словенија.
 

Конечниот пласман во групата зависи од останатите средби кои се играат од 18 и 21 часот. Ако победат фаворизираните Хрватска и Грција, тогаш Македонија ќе заврши како петопласирана, зад Грузија и пред Холандија. Трите селекции имаат по една победа, но Грузијците имаат најдобар кош-количник во меѓусебните пресметки.