Здравјето е поважно од шутот за милион долари

Неговиот обид за кош од половина терен го видоа преку 6 милиони луѓе, но никој од нив не знаел дека човеков за да преживее мора да пие по 39 апчиња дневно.

Американецот Скот Парк кој многу сака кошарка, се обиде со шут од центар да заработи милион долари. Но тој не успеа да ја погоди ни таблата ни обрачот, а тие што му се смееја не ја знаеја најважната работа за него.

56 годишниот Парк има тешки здравствени проблеми и се бори за живот, а веројатно нема никогаш да биде во можност да ја дофрли топката до кош од толкава далечина.

„Јас сум среќен што сум жив и среќен сум што воопшто имам можност да шутирам за сума од милион долари, иако знам дека нема шанси да погодам од толку далеку. Единствено ако Бог и даде на топката крилја и ја однесе до обрач“, изјави Скот Парк.

Пред 8 години Парк правел операција на срце, а потоа се појавиле компликациите откако пет органи не му функционирале. По неверојатните интервенции на лекарите, органите проработиле, со исклучок на бубрезите. Потоа му извршиле трансплатација на органите и сега пие 39 апчиња на ден.

И покрај тоа што снимката од шутот ја видоа толку многу луѓе, Парк знае да се носи со тоа.

„Не се лутам и јас веројатно би го гледал да сум во обратна ситуација“.

 

16 март 2015 - 14:59