Втор пораз на МЗТ во АБА лигата

Екипата на МЗТ Скопје во го забележа и вториот пораз во серија и прв на домашен терен откако во четвртото коло од регионалната кошаркарската лига загубија од Раднички Крагуевац со 75:83.

Кошаркарите на МЗТ не ги поправија грешките од минатите натпревари и повторно дозволија да бидат надиграни заради големиот број на загубени топки и слабата одбрана, а овој пат дополнителен проблем беше и исклучувањето на Тодор Гечевски.

По израмнетата прва четвртина која заврши со 15:15, гостите ги искористија грешките на МЗТ и успеаја да постигнат дури 29 поени со што на полувремето заминаа со предност од +12 (32:44).

Водството на Раднички предизвика нервоза во редовите на МЗТ па на самиот старт од второто полувреме, искусниот Тодор Гечевски набрзина доби две технички грешки за исклучување, а веќе во следната минута гостите имаа водство од +18 (34:52).

Во третата четвртина МЗТ намали на -5, а во последниот период се доближија до -6, но тоа беше се што тие сторија и Раднички рутинирано го задржаа водството за конечни 75:83.

Следната сабота во рамките на 5-то коло од АБА лигата, МЗТ гостува во Сплит.

13 октомври 2012 - 22:51