По двата порази на стартот од 2013-та година, МЗТ Скопје ја забележа првата победа оваа година и вкупно 10-та во сезоната во АБА лигата.
Гостите од Хрватска имаа добар старт на натпреварот, но тоа траеше само 3 минути кога поведоа со 6:9. Од овој момент следеше целосна контрола на играта од страна на кошаркарите на МЗТ.
Со агресивна игра во одбраната и со одлична реализација (8/12 за 3 поени), МЗТ на полувремето имаше голема предност од 12 поени (49:37). Во овој дел најзебележителен на паркетот беше Оташевиќ кој постигна 12 поени.
Третиот период од натпреварот им припадна на гостите (13:21) кои со овој резултат намалија на само 4 разлика (62:58) и резултатски се вратија во игра.
Во последната четвртина гостите продолжија со подобрата игра и на 6 минути до крајот направија целосен пресврт по што натпреварот влезе во неизвесна завршница.
До крајот на натпреварот ниту една екипа не успеа да се одвои во водство поголемо од 2 поени, па по трилер завршницата во која промашија Чековски и Суботиќ, регуларниот дел од натпреварот заврши со резултато 79:79.
Во продолжението од 5 минути на сцена стапи Чековски кој постигна 7 поени во серија и го одведе МЗТ во предност од +6 (89:83), за на крајот нашиот кошаркарски шампион да го совлада КК Сплит со 93:84.
Најдобри кај домаќините беа Гечевски со 19, Чековски со 16, Оташевиќ со 15 и Бакиќ со 14 поени, а најефикасен кошаркар на натпреварот беше Вукушиќ од Сплит со 23 поени.
Следната недела МЗТ Скопје гостува во Белград кај екипата на Црвена Звезда.