ГОЛДЕН СТЕЈТ - ТОРОНТО 110:114 (32:33, 25:27, 31:26, 22:28)
Жестокиот шести дуел каде Вориорси бркаа нов подвиг, се реши во последните моменти од четвртата четвртина. Голден Стејт влезе во финишот со водство.
На 9,6 секунди до крајот Торонто имаше предност 111:110 и се бранеше од напдот на Голден Стејт кој преку Стеф Кари промаши тројка, а со топката во контра-офанзива тргна Кавај Ленард, но во еден момент му ја одзема Драјмонд Грин и повика тајм-аут на 0,9 секунди до крајот.
За негова несреќа, тоа значеше техничка за Грин затоа што неговиот тим немаше веќе права на тајм-аут и приказната тука заврши.
Кавај Ленард ги погоди трите слободни по ред откако Игудала го фаулираше на истекот на тие 0,9 секунди. На тој начин Кавај Ленард му ја донесе титулата на Торонто чии навивачи во Канада славеа голема победа 114:110
Торонто Репторс првпат во својата историја од основањето во 1995 година станува шампион во НБА чија управа таа година реши да го прошири пазарот и на Канада. Репторси успеаа и да ја прекинат двогодиншата доминација на Голден Стејт кој од друга страна имаше многу проблеми со повредите.
Синоќа во последниот меч тешка повреда на лигаментите на коленото доживеа и Клеј Томпсон кој исто како Кевин Дурент ќе отсуствува речиси до крајот на целата следна сезона. За поразениот тим најефикасен беше токму Клеј Томпсон иако се најавуваше дека тој нема да игра поради повреда. Томпсон уфрли 30 поени и 5 скока се до моментот кога падна на паркетот и ги скина лигаментите на коленото кое ќе го оддалечат од терените најмалку 10 месеци.
Стеф Кари постигна 21 поен (6 од 17 од игра), Андре Игудала одигра уште еден добар меч со 22 поени а Драјмонд Грин имаше 11 поени, 19 скока и 13 асистенции.
Кавај Ленард на крајот заслужено беше прогласен за МВП на финалето и ја понесе наградата. Најефикасен во редовите на Торонто беше Кајл Лаури со 26 поени, 10 асистенции и 7 скокови. Ист учинок имаше и икс-факторот на финалето Паскал Сијакам со 10 скока а феноменален беше и ВанВлит со 22 поени колку што имаше и Кавај Ленард на крајот.
Серж Ибака постигна 15 поени, а Марк Гасол 3 поени, 9 скока и 4 асистенции.
ЕУФОРИЈА ВО ТОРОНТО ЦЕЛА НОЌ
Навивачите на Торонто Репторс од 1995 година сонуваат дека еден ден нивниот клуб ќе се качи на тронот. И конечно, предводени од сјајниот Кавај Ленард го освоија највредниот пехар.
Торонто Репторс после шест меча во НБА финалето славеше против Голден Стејт Вориорс. Кога Кавај Ленард стави крај на драмата на гостински терен, погоди три слободни фрлања за триумф 114-110, илјадници луѓе излегоа на улиците на Торонто да слават историска титула.
Голема прослава во градот се очекува и при доаѓањето на нивните миленици.