Стартува НБА: Западот во напад, на европски плеќи

Откако шампионската титула минатата сезона замина на Истокот, кој генерално беше поконкурентен, Западот ќе се обиде да ги врати шампионските прстени таму каде што, историски гледано, шоу-тајмот или атрактивната игра, секогаш ималa предност пред прагматизмот, кој е карактеристичен за Источната конференција.

Минатата НБА сезона донесе многу возбудувања, големи изненадувања и спектакуларни индивидуални настапи, а на крајот титулата заврши на Истокот, во рацете на Њујорк Никс. 

Западот уште еднаш покажа неверојатна длабочина и квалитет во составите, но во големото финале остана без прстен. Сега започнува нова трка, со неколку јасни фаворити, бројни предизвикувачи и млади ѕвезди кои сакаат да ги преземат главните улоги.

ДВЕ ЕКИПИ СЕ ИЗДВОЈУВААТ, ЈОКАРА Е МАКСИМАЛНО ПОДГОТВЕН

Сан Антонио Спарс

Виктор Вембањама уште минатата сезона ги одведе Спарси до големото НБА финале, а сега сака да го направи и последниот чекор кон титулата. Заедно со Стефон Касл и Дилан Харпер, Сан Антонио има едно од највозбудливите млади јадра во лигата. Сето тоа, под диригентската палка на феноменалниот плејмејкер Де'Арон Фокс.

По поразот од Њујорк Никс во финалето, целта веќе не може да биде само собирање искуство, туку освојување на шампионскиот прстен. Дополнителен квалитет би требало да донесе Тобајас Харис, играч од кој треба да се очекуваат подолнителни 15 поени по натпревар. Сè друго останува исто. 

Најголемиот предизвик ќе биде справувањето со притисокот што го носи улогата на фаворит, како и потврдувањето дека успехот од минатата сезона не бил само моментален блесок.

Оклахома Сити Тандер

Шај Гилџес-Александер и неговите соиграчи ќе се обидат да ја вратат титулата што ја освоија во 2025 година, а ја загубија минатата сезона по драматичното конференциско финале против Сан Антонио. 

Заедно со канадскиот МВП, Чет Холмгрен и Џејлен Вилијамс го сочинуваат јадрото кое би требало да биде во конкуренција за самиот врв во годините што доаѓаат. Оклахома поседува младост, квалитет, одбрана и уиграност, односно, речиси сè што е потребно за нов поход кон титулата. 

Единственото прашање е дали во клучните моменти од плејофот ќе можат повторно да ја пронајдат онаа победничка ладнокрвност, која еднаш веќе ги однесе до самиот крај.

Денвер Нагетс

Никола Јокиќ и натаму e еден од најдобрите кошаркари во светот, а додека српскиот центар е на теренот, никој не смее да го отпише Денвер од трката за титулата. Покрај него, тука се и Џамал ​​Мареј и Арон Гордон, трио со кои Нагетси имаат докажана основа. Доаѓањето на искусниот Демар Дерозан би требало да понуди дополнителна опција во нападот. 

Проблемот е што Денвер веќе три сезони испаѓа пред конференциското финале, при што и одбраната и длабочината на ротацијата остануваат нејасни точки. Ако успеат да ги решат овие прашања, Јокара би можел да претставува сериозна закана за фаворитите.

Исто така, ќе биде интересно да се види како ќе се покаже Марвин Бегли III, играч најпознат по тоа што Сакраменто Кингс го избраа на драфтот пред Лука Дончиќ. Минатата сезона, настапувајќи за Вашингтон и Далас, тој одигра 60 натпревари со просек од 10 поени и 6 скока за 20 минути игра, покажувајќи зошто некогаш се предвидуваше дека ќе стане идна суперѕвезда, пред повредите да го земат својот данок.

ШТО МОЖАТ ДА ПОСТИГНАТ ЛУКА, ДУРАНТ И НАЈДОБРО БАЛАНСИРАНИОТ ТИМ НА ЗАПАДОТ?

Лос Анџелес Лејкерс

Лука Дончиќ влегува во новата сезона како неприкосновен лидер на Лејкерси и еден од главните кандидати за МВП наградата. Словенечкиот волшебник минатата сезона беше најдобар стрелец во лигата, но неговиот индивидуален учинок не беше доволен за да ги спаси Лејкерси од елиминација од страна на Оклахома во плејофот. 

Во Лос Анџелес се надеваат дека поквалитетната поддршка и зацврстената одбрана ќе му овозможат на Дончиќ сериозен напад на шампионската титула. Колку и да е Лука брилијантен, тој не може сам да ги победи најдобрите тимови на Западот.

Тимот направи значителни промени во составот, а најважниот потег е новиот договор за Остин Ривс. Под кош, на двете страни од теренот се очекува да доминира Вокер Кеслер, додека Колин Секстон ќе донесе нова офанзивна сила.

Хјустон Рокетс

Дури и на 38 годишна возраст, Кевин Дурант не се откажува од потрагата по уште една титула, а Хјустон би можел да му ја понуди една од неговите последни големи можности. Во тимот се и Алперен Шенгун, Амен Томпсон и Џабари Смит Џуниор, додека враќањето на Фред Ванвлит би требало да донесе стабилност во креирањето на играта. 

Рокетси поседуваат доволно квалитет за да стигнат до самиот врв на конференцијата, но сепак, во последните две сезони беа елиминирани уште во првото коло од плејофот. 

Дали младите ѕвезди конечно ќе можат да го направат тој следен исчекор и дали Дурант ќе успее да го одржи високото ниво на игра во текот на целата сезона? Тоа се прашањата што ќе ги дефинираат нивните амбиции.

Минесота Тимбервулфс

Ентони Едвардс прерасна во еден од најатрактивните играчи во лигата, а Минесота веќе неколку сезони покажува дека поседува квалитет за постигнување значајни резултати. Во тимот се и Руди Гобер, Џејден Мекданиелс, како и новодојдениот Ламело Бол, од кого се очекува да внесе дополнителна креативност во нападот. 

Тимбервулфс имаат одличен спој на напаѓачки талент и дефанзивна цврстина и поради тоа многумина ги сметаат за еден од најдобро избалансираните тимови во целата лига. Сепак, останува прашањето: колку брзо ќе ја пронајдат вистинската хемија и дали конечно ќе можат да ги надминат последните препреки на патот кон НБА финалето?

КАКО ЌЕ СЕ ПРОНАЈДАТ ЛИЛАРД И МОРАНТ И ШТО МОЖЕ ДА НАПРАВИ КАРИ?

Портланд Трејл Блејзерс

Во Портланд се подготвува еден од најинтересните експерименти оваа сезона, Демијан Лилард и Џа Морант ќе играат заедно. Лилард се враќа по сериозна повреда на Ахиловата тетива, додека Морант се обидува да ја оживее кариерата по заминувањето од Мемфис и повторно да покаже зошто некогаш беше една од најголемите млади ѕвезди во лигата. 

Со нив се и Дени Авдија и Џру Холидеј, па Блејзерси имаат доволно талент за да се борат за пласман во плејофот. Најголема непознаница останува како ќе се вклопат двајцата плејмејкери кои сакаат топката да биде во нивни раце. Ако се потврди претпоставката дека им недостасува квалитет под кошот, тие брзо ќе станат тим чиј успех целосно зависи од шутот.

Голден Стејт Вориорс

Стефон Кари има 38 години, но неговиот шут за три поени останува една од најголемите атракции во НБА. Вориорс се стремат максимално да ги искористат последните години од кариерата на својата најголема легенда и да се обидат повторно да се етаблираат како сериозни претенденти на Западот. 

Сепак, напредокот во годините кај клучните играчи и сè посилната конкуренција значително го ограничуваат нивниот потенцијал. Иако Кари сè уште е способен сам да реши натпревар, на Голден Стејт ќе му треба нешто многу повеќе за да постигне нешто значајно. 

Ако Џими Батлер закрепне навреме, тој би можел да стане негов сојузник, некој со кого Кари би можел да оствари големи работи. Тимот располага со солиден спој на гладни, млади таленти во подем и искусни ветерани кои точно знаат што е потребно за победа.

Целата најава тука

20 октомври 2026 - 14:27