Се отвора новиот европски фронт за кошаркарите на МЗТ Скопје кој ќе биде нивниот најтежок и најголем предизвик во новата кошаркарска сезона. „Металците" во ова елитно друштво стигнаа благодарение на седмото место од минатата сезона во АБА лигата по што добија вајлд карта за настап.
Еврокупот оваа сезона се игра во проширен формат од 32 на дури 48 екипи кои се поделени во осум групи по шест екипи. Пласман во втората фаза ќе изборат најдобрите три тима од секоја група и заедно со осумте елиминирани од првата фаза на Евролигата ќе формираат нови шест групи.
МЗТ Скопје ќе има тешка задача во Г групата каде се наоѓаат претставникот од Русија Уникс Казан кој пред три години го освои ова натпреварување, потоа израелскиот шампион Макаби Хаифа, Банвит Бандирма од Турција, Калев од Естонија и вечерашниот летонски состав Рига.
Според светската обложувалница „bwin" најголем фаворит за трофејот со коефициент 6 има двократниот шампион Валенсија, а веднаш потоа е Билбао со коефициент 7. Македонскиот претставник се наоѓа на 42 место според шансите со коефициент 501.
Поради слабиот рејтинг на македонската кошаркарска лига ова второ по квалитет европско натпреварување беше недостижно за нашите екипи. Тимот од Аеродром последен пат беше учесник пред 14 години но тогаш се викаше „Сапорта Куп" и беше под организација на ФИБА.
По триумфот против Будуќност од АБА лигата во кој блесна ветеранот Гечевски, кошаркарите на МЗТ се очекува да влезат мотивирани во вечерашниот дебитански дуел против Рига. Тренерот Влада Вукоичиќ нема да може да смета единствено на повредениот Дамјан Стојановски.