Најдобриот шпански кошаркар на сите времиња, Пау Гасол на 41 година реши да ги закачи патиките на клин и да стави крај на неверојатната кариера. Ја имавме таа чест да го гледаме и во дуел со нашата репрезентација во таа незаборавна 2011-та во Литванија.
Како се движеше кариерата на Пау Гасол?
ЕВРОПА
Пау дебитираше во својот матичен клуб Барселона на 17 јануари 1999-та година и играше две сезони во дресот на Каталонците пред да отиде во НБА во летото 2011-ва. Со Барса освои две шампионски титули (1999 и 2001) и Копа дел Реј (2001) каде бил избран за најдобар играч на финалниот турнир во Малага.
20 години подоцна, Пау Гасол се врати во својот роден клуб пред последните моменти од кариерата за да освои уште еден голем пехар - трета шампионска титула во ACB лигата.
- Шампион во Лига Ендеса (1998-1999, 2000-2001, 2020-2021)
- Копа дел Реј (2001)
Притоа доби големи заслужни признанија: 4 пати најдобар играч на годината во Европа (2008, 2009, 2010 и 2015), ја доби премијата Награда на принцот на Астурија (2006) и премијата Награда на принцезата на Астурија (2015), како и наградата „Walter Kennedy Citizenship Award“ во НБА.
НБА
Како пик број 3 на драфтот во 2001-ва беше избран од Атланта Хокс кој го трејдуваа правото на него на Мемфис Гризлис во замена за Шариф Абдур-Рахим.
Дебитираше во најсилната лига на светот на 1 ноември 2001-ва:
Уште во првата сезона во НБА, Гасол играше неверојатно и стана првиот странец во историјата на лигата кој ја добил наградата НБА Руки на годината. Во просек во првата сезона во САД даваше по 17,6 поени и 8,9 скока. Тој беше единствен член на Мемфис Гризлис кој ги одигра сите 82 меча таа сезона!
И во втората сезона го повтори подвигот и играше на сите 82 меча во НБА. Стана првиот Шпанец и првиот кошаркар на Мемфис кој добил повик за настап на Ол-Стар меч.
После седум сезони отиде во ЛА Лејкерс каде дебитираше на 5 февруари 2008-ма година. Во 2009-та стана шампион откако во големото финале Лејкерс го совлада Орландо Меџик, а вториот шампионски прстен го освои веќе следната 2010-та кога „езерџиите“ беа подобри од Бостон Селтикс во финалето.
И во двете финалиња доминираше во тандем со Коби Брајант за кого на простувањето од активното играње кошарка рече дека му бил прав пример и идол во животот и кариерата.
На Ол-Стар играше шест пати (2006, 2009, 2010, 2011, 2015 и 2016). Во 2015-та со брат му Марк станаа првите браќа кои настапиле на еден Ол-Стар и а го одбележија тоа со скок по топката на почеток на шоуто:
Два пати беше биран во втората најдобра петорка на НБА (2011, 2015) и 2 пати во третата најдобра петорка на НБА (2009, 2010).
РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ШПАНИЈА
Тука Пау Гасол ја потврди својата класа како најдобар европски играч во своето време. Тој е најтрофејниот шпански репрезентативец во историјата.
Гасол со „црвената фурија“ освои: злато на Светско првенство во Јапонија 2006, злато на Европско во Полска 2009, злато на Европско во Литванија 2011, злато на Европско во Франција 2015, сребро на Олимписки Игри во Пекинг 2008, сребро на Олимписки Игри во Лондон 2012, сребро на Европско првенство 2003 во Шведска, сребро на Европско првенство во Шпанија 2007, бронза на Олимписки Игри во Рио 2016, бронза на Европско во Турција 2001 и бронза на Европско во Турција 2017.
На сјајното Европско во Литванија, на 16 септември 2011 во големото полуфинале играа Македонија и Шпанија. Нашата селекција беше најголема сензација на тој турнир, а против Шпанците добро се држевме во поголем дел од мечот. Пау Гасол тогаш постигна 22 поени, Наваро дури 35, а Марк Гасол 11. Во нашиот состав Бо Мекејлеб даде 25, Перо Антиќ 17, Владо Илиевски 15 и Предраг Самариџски 12.
На крајот Шпанците славеа 92-80 а во финалето ја победија и Франција 98-85.
Гасол два пати беше биран за МВП на европски првенства, еднаш МВП на Светско првенство, три пати доби премија за најдобар стрелец на европски првенства.
Откако објави дека става крај на кариерата, честитки на сите успеси му упатија Рафаел Надал кој изјави дека Пау Гасол е најголема шпанска спортска легенда на сите времиња и Расел Вестбрук кој додаде дека во детството Шпанецот му бил најголем идол во НБА.